ВИДЕО: Нема веќе сертификат за Прва помош без обука и полагање, Црвен крст ги презема возачите во свои раце

Од први февруари обуката за Прва помош која е задолжителен дел од полагањето за возачка дозвола, ќе се одвива единствено во просториите на Црвениот крст на Град Скопје, за разлика од досега кога сертификат за положена прва помош се добиваше и од останати организации.

На иницијатива на Црвениот крст, МВР направи измени и дополнувања во делот на обуките за прва помош за возачи во Законот за безбедност во сообраќајот. Тој Закон стапи на сила на 28 декември со што Црвениот крст доби овластувања како единствен субјект за давање прва помош за возачи.

Секретарот на Црвениот Крст на Град Скопје, Сузана Тунева Пауновска вели дека ова ќе биде позитивна промена и дека идејата не е да се направи монопол туку да се добие квалитет, а полагачите при стекнување со сертификатот, да имаат основни познавања од прва помош, што не било случај досега, бидејќи се докажале повеќе примери во кои на полагачите за одредена сума им биле давани потребните сертификати, дури и без да ја посетат обуката.

-Првата помош е многу важен сегмент и благодарни сме што МВР и Министерството за здравство ги препознаа нашите повици дека мораме да имаме единствен и унифициран пристап во делот на обуката за новите возачи. На први февруари ќе се отвори центарот за обука по прва помош но ние веќе почнавме да работиме по тој систем во веќе постоечките капацитети на Црвениот крст.Сите општински организации на Црвен крст ќе се соединат и граѓаните од сите населби ќе следат обука во „Даре Џамбаз“. Додека кандидатите од останатите градови обуката ќе ја следат во градовите каде што живеат, во простор кој Црвениот крст ќе го определи за таа намена, информира Сузана Тунева Пауновска.

Цената за полагање на прва помош ќе биде унифицирана, и ќе изнесува 1.500 денари.

-Центарот ќе работи во две смени, на располагање се 27 предавачи, а обуките ќе се одвиваат на македонски, албански и турски јазик. Доколку има потреба ќе воведеме обука и на ромски јазик. Во Центарот за обука ќе има три предавални и капацитет од 30 лица во ист момент за реализација на обуката, односно 60 лица на дневна основа, кои би посетувале обука во услови на ковид-19 со дадени мерки за заштита ии организирање на обуки, додаде Тунева-Пауновска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот