ВИДЕО: Не очекуваат пеколни горештини, ама немаат сите среќа да работат во климатизирана просторија

Фото: Драган Митрески-Градежни работни

Македонија во следните пет дена ќе биде зафатена од високи температури во портокалова фаза, поради што надлежните објавија препораки за за заштита и намалување на ризиците за лицата кои се наоѓаат на отворен простор, дома, на своите работни места, покрај езерата, реките и базените или на планините.

Владата одлучи државните органи и јавните претпријатија и установи, да ги почитуваат препораките, а на приватниот сектор само му се препорачува да го организира работното време со цел за заштита од директна сончева изложеност на работниците, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот.

Сепак, не можат сите да се заштитат од високите температури.

Градежни работници, пекари, пазарџии, вработени во комуналната хигиена на Град Скопје, се само дел од професиите кои колку и да сакаат, не можат да ги следат препораките од Министерството за здравство согласно топлотниот бран кој ја зафати Македонија.

Омер од Скопското село Количани дваесет години работи градежни работи, а моментално е ангажиран за реконструкција на улиците во Општина Центар. Вели, работодавецот ги почитува препораките, кога температурата е многу висока прават почести паузи, но сепак, екстремно жешкото време и долготрајната изложеност на сонце лошо влијаат на неговото здравје.

-Јас оваа работа ја работам 20 години, веќе сум навикнат, отрпнат сум што би се рекло народски. Тешко ми е, и тоа многу, ама мора некој и ова да го работи, не сме сите родени за во канцеларија да работиме. Правиме паузи, се криеме под сенка, се освежуваме со вода, откако ќе се стабилизираме, се враќаме на работа, низ смеа раскажува Омер, ама капките пот му ја издаваат тешкотијата што ја носи секој работен ден.

Иако секогаш кога температурите се пеколни најголем акцент се става на работниците кои се директно изложени на сонце, потешкотии при работењето имаат и оние кои работат на затворено.

Гоце од Скопје целиот свој работен век го поминал како фурнаџија, уште една година ќе замине во пензија, а дотогаш ќе продолжи да го прави, како што вели највкусниот бурек.

-Ние бурекџиите не работиме надвор, на отворено, и тоа може делува како да ни е полесно, за разлика од останатите, може и да е така, ама температурата во пакарницата е речиси двојно поголема отколку надвор. Не помагаат ниту уредите за разладување, ние сме цело време околу печките. Тешко е, ама не се жалам, сам си избрав да бидам фурнаџија, и со тоа цел живот го прехранувам семејството, вели Гоце, не сакајќи да губи време во разговор со нас, затоа што, како што рече, бурекот може да загори.

На пазар пак, велат: И ние и доматите ќе се свариме под лимот.

-Тука врие, не се трпи, ама никој никогаш не рекол дека е лесно да се спечалат пари. Ова е нашиот начин, колку можеме се освежуваме, се трудиме да ги следиме советите од лекарите, и засега сме добри, вели еден од пазарџиите на пазарот во Буњаковец.

Од среда до недела од работни обврски треба да бидат ослободени најранливите групи на население, како што се – бремените жени и лицата на возраст над 60 години, во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени стари изнемоштени лица и бездомници.

Поради високите температури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува и задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката. Ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на + 4 степени Целзиус, а пред употребата истата да се загрее на + 100 степени Целзиус. Да се избегнуваат производи кои термички не се обработени како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се консумира сладолед и разни кремови.

Од Министерството за здравство посочуваат и дека здравствените установи се подготвени со доволен број капацитети (хумани, просторни) и медикаментозна терапија за евентуално справување со зголемен број на лица со штетни ефекти по здравјето од високите температури. Исто така, по потреба и на дневна основа, Комисијата за следење на ефектите од високите температури при Министерството за здравство ќе предлага мерки и активности за минимизирање на овие ризици, посебно за најранливата категорија на граѓани во деновите кои доаѓаат.

 

Од Државниот инспекторат за труд велат дека од утре ќе важи забраната за работа на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а доколку не се почитува забраната, ќе поднесат прекршочни санкции против работодавачите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот