ВИДЕО | Наташа Костовска: Во нашето општество немам мака со инспирација

Наташа Костовска - карикаруристка / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Со нашата еминентна уметница, карикатуристка, илустраторка и историчарка на уметност, Наташа Костовска во „Утрински печат“ зборувавме за нејзиното богато творештво, работата како карикатурист и секако соработката со „Слободен печат“, каде секоја сабота на насловната страна, веќе 7 години излегуваат нејзините карикатури.

„Од кога знам за себе, секогаш сум сакала да создавам нешто, а историја на уметност завршив благодарение на татко ми, кој не ми дозволи да одам на применета уметност, што ми беше првична желба. Факултетот за историја на уметност имаше најмногу допирни точки со професијата која сега ја работам и ја сакам. Всушност, една моја професорка, која ми предаваше во средно училиште, Елена Колева, ја одигра најголемата улога во мојата решителност да изберам историја на уметност со тоа што ме покани на тој факултет и јас ја послушав и не сум згрешила, бидејќи таа точно оценила што најмногу ми одговара“, вели Наташа за своите почетоци и зошто одбрала да се занимава со уметност.

Наташа е сестран уметник, кој покрај карикатурата и илустрацијата како уметнички израз, се занимава и со друг вид на применета уметност. Таа е вешта во создавање на свои креации, кои изобилуваат во нејзиниот дом.

„Дизајнот произлегува од мојата желба да создавам нешто. Тоа вообичаено се моментите кога ќе останам без работа, што се случи кога се сруши новинарската куќа „Нова Македонија“ и пропадна „Остен“, списанието во кое работев. Во тие моменти имам желба да направам нешто, кое не е илустрација, карикатура, тогаш почнувам да работам со најразлични материјали. Правам кукли од сопствено задоволство, за да содадам нешто со сопствени раце, тоа ми е многу важно, и многу ми е убаво кога од ништо, ќе направам нешто, на пример, кукла која е интересна и по малку смешна. Отсекогаш за себе сум мислела дека имам некој дар, да правам ‘слатко-смешни’ или пак, ‘слатко-грди’ карактери, но секогаш да има нешто искарикирано, и да не биде буквален отслик на природата, бидејќи природата е најдобриот креатор и неа не можам да имитирам“, ја објаснува Наташа својата љубов кон дизајнот и уметноста, воопшто.

Наташа вели дека нашето општество е непресушен извор на инспирација, а македонскиот народ од една страна е самобендисан, а од друга страна огорчен кон самиот себе, но тешко прифаќа шега на своја сметка.

„Моментално немам никаква мака со инспирација, бидејќи живееме во општество каде што секојдневно се случува по некој скандал. Но, не само скандалите, туку воопшто однесувањето на луѓето и политичарите, без да апострофирам ниту една партија, секојдневните случувања, црни хроники, медиуми, сето тоа ме инспирира во секоја секунда. Карикатурата не би требало само да критикува, некогаш може и афирмативно да се изрази, но за жал, мислам дека кај нас веќе таква карикатура не може да се направи, така што, сѐ друго што се случува е секојдневна инспирација и мене ми е многу лесно да ја насликам. Најтешкиот момент за мене е кога завземам личен став во однос на некоја ситуација, а тоа треба да го претставам без никој да биде навреден“.

Повеќе од разговорот со Наташа Костовска, можете да погледнете на следниот линк:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот