ВИДЕО | Наместо паркинг, центарот на Тетово доби нова депонија

Депонија/Тетово-Фото: Слободен печат

Мини дива депонија никна на просторот помеѓу четирите згради на десетина метри од плоштадот во Тетово попознати како зградите кај „Чешел“. Купиштата смет се наталожија откако општинските власти донесоа одлука лимените гаражи на станарите од оваа населба да се отстранат, по што, според нивните ветувања, локацијата веднаш ќе се преуреди во паркинг-простор. Ветувањето не се оствари, гаражите се тргнаа, но на локацијата секојдневно се трупа отпад од страна на несовесни граѓани.

– Ни дадоа решенија да ги отстраниме гаражите со рок. Од тој рок има поминато повеќе недели, нив никаде ги нема и наместо зонски паркинг, стана депонија. Ние од општината ништо не добивме, а побараа да се отстранат гаражите во рок од седум дена. Го испочитувавме тоа. И сега доаѓа со возило, го паркира, фрла две-три вреќи ѓубре и заминува. Што сака нека направи, само да се среди ова. Да, ни треба паркинг, зошто има многу возила, а доаѓаат возила од страна. Нека се стави рампа или сами да ставиме, да се реши проблемот еднаш засекогаш – ни изјави Горан Николоски, станар во зградата број 4 во „Чешел“.

Јонуз Даути, жител на оваа населба вели дека тие го имаат приватизирано дворното место каде што сега се трупа смет.

– Ние од вториот влез од број 7, 16 сопственици имаме купено 1.400/1.500 квадратни наше земјиште, не може општината да прави паркинг. Ние бараме да се расчисти ова ѓубре, луѓето ги натера на сила да ги рушат гаражите и го остави ова ѓубре. Да се расчисти и да ни дозволи да поставиме  рампа, да нема диви паркирачи овде, да си влегуваме и да излегуваме. Нека дојде да си го расчисти ѓубрево како што ветуваше во предизборната кампања. Идат изборите, нека му ја мисли дали ќе добие овде глас. Треба да се реши овој проблем. Не може да прави паркинг на туѓо земјиште. Нека им дозволи на луѓето да си го купат земјиштето, на останиот дел да си ставиме рампа – вели Јонуз Даути.

Станарите уште еднаш апелираа до општинските власти што поскоро местото да го пренаменат во паркинг оти во нивното маало се создава голем сообраќаен метеж со паркингот, затоа што се работи за локација во строгиот центар во Тетово.

– Имаше пожар во оваа зграда, ни Пожарна не може да помине од паркирани возила. Од целиот трговски комплекс што имаат дуќани, на 90 отсто им се овде паркирани возилата. Од нашите згради има 10-15 отсто од автомобилите. Нема кај да се паркираш, нека биде со плаќање, ќе платиме, зонско како што го викаа, нека се обележи тоа, плаќање годишно и заврши емисијата, тоа е најлесна работа. Овде срушија гаражи и стана цела депонија – рече Глигуриески.

Од Општина Тетово засега без одговор како и кога ќе се реши проблемот во оваа тетовска населба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот