ВИДЕО | Мишиќ: Состојбата со инклузивноста е подобрена но имаме уште долг пат да изодиме

Проект „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“

Основното училиште Илинден од Крива Паланка доби богатство од стимулативни содржини со кои секојдневно ќе се обезбедува педагошка поддршка за учениците со образовни потешкотии.

Станува збор за сензорна просторија во која тие ќе може да работат и да ги развиваат своите потенцијали водени од специјални училишни едукатори.

Целта е целосно вклучување на децата со попреченост во редовниот училишен систем. Сето тоа во насока на создавање инклузива која ќе понуди еднакви можности за развој на сите граѓани.

Целосното вклучување на учениците со попреченост во образовните текови е цел на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унија.

На оваа тема во Утрински брифинг разговаравме со Елена Мишиќ, раководител на проектот.

-Како Фондација веќе подолго време се залагаме за општествена и образовна инклузија на сите деца со посебни потреби. Во тој контекст со финансиска поддршка од ЕУ го спроведуваме овој проект кој е наменет за подобра имплементација на Законот за основно образование кој го поставува прашањето на инклузијата како еден од првите цели и пристапи во дејноста на образовните институции, рече Мишиќ.

Таа го објасни проектот кој ќе им помогне на децата со пречки во развојот подобро да ги развиваат своите сензорни способности со престојот во сензорните соби, како и во сензорната градина.

-Самиот проект е тригодишен и во моментов се наоѓаме на половина. Има повеќе компоненти. Стожерот на целиот прокет е доделување на стипендии за ученици од почетните одделенија. Во моментов имаме над 470 деца стипендисти кои ги поддржуваме со месечни стипендии. Воедно се трудиме и на подигање на општествениот дискурс за потребата од вклучување на сите лица со попреченост, односно на задоволување на нивните права во општеството, рече Мишиќ.

Таа додава дека состојбата со инклузивноста на лицата со попреченост е многу подобрена.

-Состојбата е многу подобрена но имаме уште долг пат да изодиме. Спроведуваме и обуки на стручни лица кои би работеле во овие сензорни соби кои се отвораат во училиштата за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој, рече Мишиќ во гостувањето во Утрински брифинг.

Целиот разговор погледнете го во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот