ВИДЕО: Милошоски недостапен за изјава во врска со тврдењето дека пратеник силувал жена

Пратениците со кои разговараше „Слободен печат“ велат дека се затечени од изјавата на пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, со која од собраниската говорница тврдеше дека меѓу нив има и народен избраник кој силувал жена.

За изјавата на Милошоски од собраниското мнозинство велат дека треба јавно да го каже и неговото име и презиме, бидејќи доколку не го стори тоа, ќе сметаат дека станува збор за клевета, класична манипулација и злоупотреба на Уставот кој го гарантира имунитетот на пратениците за искажан збор од собраниска говорница.

-За да станеме пратеници од судот вадиме потврда за неосудуваност. Но според Кривичниот законик има одредба со која кривичното дело после одреден временски период, но и името на сторителот се брише од евиденција, вели нашиот извор.

Милошоски од собраниската говорница во текот на расправата на чиј дневен ред се најде Предлог законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното кој е со европско знаменце, дека Министерството за труд и социјална политика и телото кое во иднина ќе се занимава со оваа проблематика, треба да водат и регистер на сторители на родово базирано насилство а не само регистар за жртвите. Така јавноста ќе види кој врши насилство врз девојки или жени и тоа да биде поука во општеството, за да не се повторува.

Милошоски од Министерството за труд и социјална политика и од Клубот на жени пратенички, побара во иднина нормата за родово извршено насилство врз жена да се воведе како критериум и во други закони особено во законите за избор на градоначалници, пратенци, министри во владата или други високи функции.

-Ова го кажувам затоа што за жал меѓу нас во Собранието има колега пратеник кој извершил силување на жена, казнет е за тоа, а сепак е на една висока функција. Името нема да го споменувам бидејќи не би сакал кај жртвата да будам било какви лоши спомени. Но, сметам дека треба во иднина особено Клубот на жени пратенички да изготви амандамани во законот за избор на пратеници, на градоначалници на советници, Законот за избор на Влада да се постави критериум каде што човек кој извршил родово базирано насилство, силување или друг вид на ваков сличен деликт, да не може да биде кандидат за висока функција без разлика дали е функција со избор или именување, рече Милошоски од собраниската говорница.

Милошоски попладнево не беше достапен за било каква друга информација во врска со тврдењето дека пратеник силувал жена.

Инаку во членот 64 од Уставот пишува: „Пратениците уживаат имунитет. Пратеникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење или за гласање во Собранието. Пратеникот не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник и кога тој самиот не се повикал на него, ако е тоа потребно заради вршење на функцијата пратеник.

Имунитетот на пратениците се регулира и со член 17 од Законот за пратеници. „Пратеникот ужива имунитет за времетраењето на мандатот. Пратеникот не може да биде притворен без дозвола на Собранието, освен ако бил затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години“, стои во Законот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот