ВИДЕО | Мицкоски: Дозволија да им избега пред очи затоа што така се договорија

Христијан Мицкоски / Фото: Архива на Слободен печат

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција побара оставка на Владата, по бегството на нивниот поранешен функционер обвинет во неколку случаи и поранешен прв човек на УБК Сашо Мијалков. Според Мицкоски, потребна е оставка на Владата и формирање на експертска влада до локалните избори кога би се одржале и парламентарни избори, како што рече, влада која ќе подготви фер, слободни и кредибилни избори.

– Не е доволна оставка на Спасовски, рече Мицкоски, кој смета дека наместо да се докажуваат со обвинителката Вилма Рускоска, министерот за внатрешни работи требало веднаш вчера да депонира оставка, а денеска тоа да го направи и премиерот Зоран Заев. Бидејќи не очекува оставка од Спасовски најави интерпелација, но исто така и го повика да си поднесе оставка.

Мицкоски ги повика пратениците, без разлика дали се од опозицијата или од коалицијата со владејачката СДСМ предводена од премиерот Зоран Заев или од македонскиот или албанскиот блок, да поддржат недоверба на Владата.

– Да ја собориме оваа Влада и потоа да одговараат, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Тој ги повика пратениците на, како што кажа, чест и честитост и да застанат рамо до рамо со граѓаните кои, според Мицкоски, веќе немаат доверба во оваа Влада и обвини дека државата веќе е во политичка криза.

Опозициската партија, како што кажа, ова не го прави за моќ или за власт, туку за иднината на оние кои живеат тука и децата.

Мицкоски на прес-конференцијата обвини дека „од вчера сме најкорумпирана држава во светот и оти со неа управуваат премиерот Зоран Заев, неговиот брат Вице Заев и нивниот поранешен сопартиец Сашо Мијалков”, на кого, како што кажа, „му дозволија да избега со милионите”. Ги спомена и иницијаторите за вонреден конгрес на неговата партија, посочувајќи дека „тие се криминалци кои се соединиле со нив”.

– Дозволија да им избега пред очи затоа што така се договорија. Оваа криминална коалиција функционира вака поради заробените институции. Сите на купче без институциите кои ги заробија се обични кукавици. Кога ја нацртав линијата во ВМРО-ДПМНЕ дека компромис со криминалот не правам, тие што се така научени веднаш се соединија со тие што прават криминал. Затоа најдобар пријател на Зоран Заев станаа т.н. иницијатори. Доброто е што се собраа сите на купче, лошо што хараат во државата и пљачкосуваат, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски рече во изминатите четири години трпел медиумски напади и му упати порака на премиерот и лидер на СДСМ Заев.

– Заев, тоа купче на уценувачи уценувани чиј што лидер си ти и кое ти вршеше работа за пресметки во ВМРО-ДПМНЕ, за креирање на вештачки раскол, за наводно слабеење на опозоцијата, а за возврат му даваше поддршка и му ветуваше да не се соочи со правдата стана сега твој тег на ногата, твој срам и твоја работа. Денес те потонува во калта и тебе и твојата власт и за жал што е најголема жал и трагедија ја тоне Македонија, рече Мицкоски.

Обвини дека постои договор, но исто така, рече дека целиот народ очекува детално објаснување од сите надлежни институции, обвинителството, судот и МВР за бегството на Мијалков.

– Одговорност мора да има бидејќи граѓаните бараат правда и правдата мора да се обезбеди, рече Мицкоски обвинувајќи ја Владата дека „не можела навреме вакцини да набави, дека не може кредибилен попис да спроведе, да направи реформи во образованиетоо, ја втурнале државата во рецесија, Собранието не може да одржи седница бидејќи нема мнозинство”.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот