ВИДЕО: Меси трагичар, ПСЖ ја исфрли Барселона
Фудбалерите на ПСЖ и на Ливерпул обезбедија пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите.
Предноста од 4:1 од првиот натпревар беше пресудна за пласманот на ПСЖ во следната фаза, откако во реваншот во Париз одигра 1:1 против Барселона.
Каталонскиот тим кој беше далеку поагресивен и помотивиран на теренот на „Паркот на принцевите“може да жали за шансите во првото полувреме. Осман Дембеле неколку пати го намачи Кејлор Навас, но вистински трагичар е Лионел Меси кој во последните моменти од првиот дел промаши пенал за водство на неговиот тим.
ПСЖ прв поведе и тоа преку Килијан Мбапе кој во 30. минута беше сигурен реализатор на пеналот кој беше досуден откако Клемен Ленгле го згази Икарди во сопствениот шеснаесетник.
Барселона успеа да израмни седум минути подоцна и тоа со евроголот на Меси кој подоцна не реализира пенал.
Во второто полувреме, фудбалерите на ПСЖ умешно ја чуваа предноста од првиот натпревар и не дозволија Барселона посериозно да се закани.
Ливерпул обезбеди пласман во четвртфиналето откако и во реваншот со идентични 2:0 го победи Лајпциг. Повторно кобни за германскиот тим беше тандемот Мохамед Салах – Садио Мане кои ги постигнаа двата гола. Салах го донесе во водство Ливерпул во 71. минута, а три минути подоцна, Мане го завери пласманот во четвртфиналето.