ВИДЕО| Менкиноски: Русковска не ја кажува вистината

Ние не знаеме дали ги има исплашено содржината на белешката, па сега се обидуваат да лажат дека истата не е доказ во постапката, а како што знаеме и како што виде македонската јавност, белешката е празна и не содржи ништо, рече адвокатот Тони Менкиноски..

Јавната обвинителка за организиран криминал Вилма Русковска не ја кажува вистината кога вели дека фамозната белешка која протече од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) не е доказ во постапката во која е притворен бизнисменот Јордан Камчев, рече адвокатот Тони Менкиноски на денешната прес-конференција, додавајќи дека предметот за незаконито лишување од слобода на Камчев е веќе предмет на опсервација и разгледување на повеќе меѓународни ентитети на Советот на Европа, чиј мандат е заштита на основните човекови права.

– Ова е една голема лага, а за да се уверите во тоа погледнете ги решенијата на Судот со кои е ограничена слободата на Јордан Камчев, каде што експлицитно еден и единствен доказ е белешката на АНБ. Ние не знаеме дали ги има исплашено содржината на белешката, па сега се обидуваат да лажат дека истата не е доказ во постапката, а како што знаеме и како што виде македонската јавност, белешката е празна и не содржи ништо. Да напоменеме, согласно со македонското позитивно право или поточно со член 43, став 2, од Законот за АНБ, забрането е податоците од АНБ да се користат како докази во кривична постапка. Укажуваме на ова противправно и незаконито дејствување на АНБ и на јавниот обвинител. Но, ниту судијата на претходна постапка, ниту Кривичниот совет, ниту Апелационен суд не сакаат да обрнат внимание, и оваа белешка ја сметаат за единствен доказ во нивните одлуки. Зошто Јордан Камчев бил предмет на обработка на АНБ? Законските овластувања на АНБ се предвидени во Законот за АНБ, а согласно своите надлежности утврдени во истиот закон, Агенцијата собира, обработува, анализира, проценува, разменува, чува и штити податоци со цел откривање и спречување на активности што се поврзани со безбедносни закони и ризици за националната безбедност на државата, а тоа е шпионажа, тероризам и негово финансирање, насилен екстремизам и други активности поврзани со безбедносни закани и ризици на националната безбедност на државата, односно дела кои ја загрозуваат националната безбедност на државата – рече Менкиноски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот