ВИДЕО: Меѓу бестселерите на „Три” се и новите книги на Шарма и Елиф Шафак

Милена Силјановска
Милена Силјановска, уредничка во Издавачкиот центар „Три“/ Фото: Слободен печат

Во периодот пред новата година, вообичаено е читателите повеќе да бараат книги од популарната психологија, зашто тогаш луѓето си поставуваат нови цели и сакаат да работат на себе, вели Милена Силјановска, уредничка во Издавачкиот центар „Три“.

„Најактуелни се книгите од популарната психологија, особено што кај нас пристигна најновата книга од Робин Шарма, тоа е „Манифест на секојдневниот херој“ и тоа само два месеци по објавувањето. Станува збор за книга која ве насочува на кој начин да ги остварите своите цели, но не се работи за вообичаена книга туку содржи директни совети како да работите на себе. Основната идеја е дека секој човек во себе има херој, но треба да најде начин како да се оствари себе си и да стане херој. Има и еден нов жанр кој е комбинација на книгите од популарната психологија и белетристика и наскоро „Три“ ќе објави четири вакви наслови: „Можеби треба да разговараш со некого“ од Лори Готлиб, „Ми велеа дека сум пречувствителна“ од Федерика Боско, кој е доста баран наслов, потоа „Кафе-муабет со себеси“ од Кристен Хелмстетер и „Проектот Автентичност“ од Клер Пули.

Исто така, апсолутен хит овие денови е новиот наслов од Елиф Шафак „Островот на исчезнатите дрвја“, и ми се чини дека тоа е најдоброто од неа досега, особено и поради тоа што користи посебен тип на изразување, успева да ги спои минатото и иднината, сегашноста и минатото, прави пресек од традиционалното и современото. Таа пишува за идентитетот и за проблемите на нашите родители и родителите на нашите родители“, вели за Утрински брифинг, Милена Силјановска, уредничка во „Три“.

Нови наслови од оваа издавачка куќа се и „Уметноста на наследувањето тајни“ од Барбара О’Нил. Сатиричната приказна од авторот Адријан Телешпан, „Гробиштата“, кој најавил дека ќе дојде во Скопје да ја претстави својата книга.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот