ВИДЕО | Медицинарите 5 месеци се молеа со Министерството за 3 илјади денари кои им ги „изеде“ инфлацијата

Со мартовската плата медицинските сестри ќе добијат 3 илјади денари покачување на платата, а останатите здравствени работници по 2 илјади денари покачување. После шест месеци Министерството за здравство им се смилуваше на барањата на здравствените работници и потпиша анекс на колективниот договор, а медицинарите полу-задоволни веќе најавија нови барања.
-Само со покачување на бодот може да добиеме финансиска сатисфакција, а ова мизерно покачување од три илјади и две илјади денари што го чекаме шест месеци се пари кои ни ги изеде инфлацијата. Покачувањето требаше да биде во ноември, а не сега. Затоа нека се спремаат и Министерството за здравство и Министерството за финансии дека ќе бараме покачување на бодот, зашто во спротивно инкогаш нема да имаме отскокнување по професии, по профили и според образованието. Секое покачување на минималната плата треба да е усогласено со растот на другите плати, рече доктор Предраг Серафимовски од синдикатот на Клинички центар.
Доктор Љубиша Каранфиловски од Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита рече дека потпишувањето на анексот се случило во 9 часот изутрината, дека актот ќе оди на одобрување во Министерството за финансии и исплатите ќе бидат од мартовската плата. Со тоа платите на вработените од здравството ќе се зголемат линеарно.
– Многу беше битно да се собереме вака да видат дека и покрај одредени опструкции како на пример дека протече информација дека готово е потпишувањето и не треба да се излезе на протест – сакавме да ја искажеме нашата масовност и незадоволството кое опстојуваше. Свесни сме дека незадоволството ќе опстојува и понатаму и дека е оправдано, корекцијата не е доволна да го валоризира вашиот труд, оваа корекција не е таа која го препознава вашиот труд, оваа корекција не е она што би ја оправдало вашата одговорност на работните места, но ова е оддалечување на одредени групи, од опасноста 11 илјади вработени да ги изедначиме со минималната плата, им се обрати Каранфиловски на присутните на протестот.
На протестот беше оддадена почит со едноминутно молчење на доктор Горан Беговиќ, кој почина минатата недела и беше претседател на Синдикатот на Клинички центар и голем борец за правата на медицинските лица.