ВИДЕО | Матеа и Ангела, актерки во Театарот за деца и младинци: Тајната на претставата е колективната игра, кога сите играме еден за друг

Матеа Јанковска и Ангела Димитрова - актерки / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Куклената претстава „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театарот за деца и младинци (ТДМ) од Скопје освои четири значајни награди на два театарски фестивали во Србија.

По тој повод во „Утрински печат“ разговаравме со две актерки од претставата, Матеа Јанковска која ја игра главната улога на Роња, за која доби две меѓународни награди и Ангела Димитрова. Двете млади, талентирани и перспективни актерки, вработени во ТДМ, раскажаа за својата љубов кон професијата, успесите, но и за мечтите и целите за идни ангажмани и професионални проекти.

– Јас имам многу неостварени соништа. Целта ми е всушност постојано да сонувам, никогаш да не престанам и мислам дека тоа е задача на секој уметник, да си поставува нови цели и никогаш да не ги загуби љубовта и страста, што ги носи кон уменоста. Јас сакам постојано да истражувам, да творам и никогаш да не ја изгубам жарта – вели Матеа.

– Мислам дека се менуваат желбите, имаме конкретни цели и сакаме што повеќе да правиме нови работи, нови искуства, како во театар, така и на филм. Така на пример, куклениот театар и преставата „Роња, ќерката на ограбувачот“, мене ми е нов предизвик и нов отворен свет, кој претходно не сум го ни замислувала. Цело време има нови мечти, неостварени, но и такви коишто ни се оствариле, како вработувањето во Театарот за деца и младинци, оставрени улоги – изјави Ангела.

Кукларството како составна техника од театарската уметност не се изучува на Факултетот за драмски уметности кај нас, а сепак актерите кои се занимаваат со оваа специфична техника се многу успешни во тоа и заедно со Театарот за деца и младинци имаат освоено многубројни домашни и меѓународни награди и признанија.

– Да се совлада кукларството е навистина многу тешко. Работата со кукли бара многу работа, труд и вложување и штета е што немаме таков предмет на Факултетотт за драмски уметности, барем како изборен предмет. Ние во театар учевме од нула, без никакво претходно искуство.

Конкретно јас, првата кукла ми беше во претставата „Подрум“, ја играв улогата на панкерот и бев извадена од памет. Не знаев како се прави тоа, дали воопшто ќе се снајдам и дали ќе постигнам некаков резултат. За среќа, претставата помина супер, но дојде нова претстава, односно нова кукла и повторно требаше да почнам се од почеток.

Тоа е техника којашто постојано се учи, затоа што секоја кукла е различна, има своја приказна и бара различен пристап, има кукла што ја води еден човек, но има кукла што ја водат многу луѓе – објасни Матеа.

– Синхронизацијата во кукларството е најважна. Мора да бидат сите синхронизирани и да дишат како еден, особено ако има кукла која ја движат повеќе луѓе. Потребна е многу голема концентрција, посветеност и многу вежбање.

Моментот кога си зад куклата, не си свесен како тоа изгледа од другата страна, од страна на публиката, многу е различно од живиот театар и моментот кога не знаеш дали тоа што го правиш е добро или не, прави да се чувствуваш несигурно, како ништо да не си направил. Затоа многу значи кога имаш колеги од страна, кои ќе ти кажат дека е добро тоа што го правиш и дека супер изгледа – вели Ангела.

Матеа и Ангела се чувствуваат како дел од целината, односно екипата, која е заслужна за успехот, кој го постигна оваа посебна куклена претстава „Роња, ќерката на ограбувачот“.

– Јас сум пресреќна и многу горда на себе и на целата екипа. Навистина вложивме многу љубов и многу пот во текот на создавањето на претставата и многу ми е драго што публиката, односно жири комисијата го виде сето тоа и на крајот од денот го награди.

Сите ние многу си ја сакаме претставата и мислам дека ја играме со ист елан и жар, без разлика дали е на редовен репертоар или на фестивал. Успехот на претставтата не обврзува, само дава мотивација плус да продолжиме сите со исто темпо – вели Матеа.

– Тајната на претставата е колективната игра, сите играме еден за друг, сите работиме заедно. Целата претстава, се што користиме, сите реквизити и сценогарфијата е правена од природни материјали, и тоа ја прави специфична и убава – вели Ангела.

Повеќе од разговорот со Матеа и Ангела можете да погледнете на следниот линк:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот