ВИДЕО | Маричиќ: Алките се прескапи за одржување, ќе бараме начин да се изнајмуваат

Бојан Маричиќ, министер за правда / Утрински брифинг

Министерот за правда Бојан Маричиќ денес гостуваше во Утрински брифинг при што поразговараме за неколку битни теми од неговиот ресор, а меѓу другото и за состојбата во ДИК и недоразбирањата со печатите и важечки и неважечки ливчиња, со оглед што в недела се гласа на вториот круг локални избори.

-Спорот настана што има пресуди од Управен суд дека не е пречка што нема печат за да биде ливчето важечко. Кај нас секогаш изборите биле важна тема и секој случај на изборни манипулации треба да се санкционира. Со ДИК имаме соработка и комуникација. Јас им укажувам што треба да имаат предвид, но одлуките се нивни. И кога сме работеле на Изборниот законик тие настапувале тимски иако се од различни партии, вели Маричиќ..

Решивте на барање на граѓаните да ја повлечете одлуката за градење прифатен центар во Бардовци.

-Овој проблем подолго беше отворен. На него работеа и министерот Оливер Спасовски и градоначалникот на Карпош Стефан Богоев. Граѓаните имаа собрано 1800 потписи и владата едногласно одлучи да се стопира градбата и да се бара локација вон населено место. Не е поврзано со изборите. Кога и да се донесе за добра одлука нема лошо време.

Европскиот извештај излезе со низа забелешки за правосудниот систем со неколку но недоволни напредоци.

-Извештајот е и реален и добар. За нас е водич за понатамошните постапки. Во врска со судскиот буџет тој не е намален во суштина. Во 2019 судиите ја тужеа државата за додатоци, па министерството се спогоди да им исплати еднократно сума од 200.000 денари. Платите на судиите и обвинителите ќе бидат за 15% поголеми и ќе има околу 70 вработувања. Во буџетот се предвидени сите тие работи како и плаќање на вештачењата, а догодина ќе имаме и 30 нови судии и 30 нови обвинители што завршиле Академија, информира министерот Маричиќ.

Условите за работа на обвинителствата се катастрофални.

-Секаде каде што може владата помага но со буџетите си управуваат обвинителствата. Свесен сум за проблемите но не може се да се реши одеднаш, коментира министерот за правда.

Зошто сѐ уште не функционира пробацискиот систем кога веќе одамна се набавени алки за таа намена?

-Пробацискиот систем не функционира затоа што е поевтино да ги одржуваме притворските единици отколку алките. Овие што ги имаме се застарени и не можат да се користат. Размислуваме за опција по потреба да изнајмуваме алки од фирми за што ќе плаќа државата, а по завршувањето на потребата ќе си ја земе алката назад, вели Маричиќ.

Зошто не функционира Комората на вештаците и кој врши контрола врз нивната работа?

-Коморите се под надлежност на Министерството за правда, но тие се самоорганизираат. И вештаците и проценителите имаат проблем со организирање. А ние работиме на нов Закон за вештаци со што ќе се уредат работите. Имаме листа на регистрирани вештаци, но организацијата им преостанува на Комората на вештаците, вели Маричиќ.

Во случајот Плацеви на Водно во кој е инволвиран бизнисменот Орце Камчев, неговите адвокати не ги прифаќаат доказите од Обвинителството кои се испратени од странство.

-Тоа се сериозни материјали кои ги прибавува Обвинителството преку меѓународни канали кои одат преку Министерството за правда. Сите докази се прибавени од кипарските власти и документацијата е проследена, а ние немаме право да ги отвораме оти се класифицирани, појаснува Маричиќ.

Дали очекувате промена на власта во Унгарија и екстрадиција на Никола Груевски?

-Дали ќе се смени власта одлучуваат граѓаните на Унгарија. А ние очекуваме и претходно да биде испорачан затоа што е правосилно осуден на затворска казна и се водат повеќе други постапки против него, вели Маричиќ за Утрински брифинг.

Целиот разговор во видеото

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот