ВИДЕО: Маричиќ: Ова ново време на светска пандемија донесе нови предизвици и за правосудството

Бојан Маричиќ, новиот Министер за правда / Скопје, 26 август 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Министерот за правда Бојан Маричиќ, во видео обраќање по повод Европскиот ден на правдата, вели дека е многу важно за граѓаните да бидат добро информирани како да си ги остварат своите законски загарантирани права, како да добијат заштита на тие права и како сите да имаат еднаков и фер пристап до правдата.

– Токму од оваа причина, Европскиот ден на правдата, 25 октомври, досега го одбележувавме со отворени судници и канцеларии за да ги доближиме граѓаните до правдата, да ги запознаеме со тоа како функционира правосудниот систем и да ги информираме за нивните права и правото кое државата им го дава во вид на Бесплатната правна помош, истакнува Маричиќ.

Тој истакна дека преку Бесплатната правна помош, се гарантира дека граѓаните кои се во тешка финансиска состојба ќе добијат адвокат и фер судење, но и право да добијат информација или совет за одредено прашање од правна природа.

За да ја направиме правдата подостапна за граѓаните, наскоро очекуваме и огромно намалување на максималната судска такса, која досега беше 48.000 денари. Сега таа ќе се намали за осум пати и ќе изнесува најмногу 6.000 денари. Со ова, судските трошоци за граѓаните ќе бидат значително намалени, со што правдата ќе стане подостапна за нив.

Сепак, ова ново време на светска пандемија, донесе нови предизвици и за правосудство и бара нови решенија како да функционира системот, да продолжат судските рочишта и постапките пред судовите и обвинителствата. Учениците, наставниот кадар и образовниот систем со извонредна посветеност, соочувајќи се со многу предизвици, покажаа дека системот во овие времиња треба и може да функционира и онлајн.

За време на вонредната состојба, во судството имаше примери кои потврдија дека може да се функционира и онлајн, што е добар показател дека доколку има таква потреба, во иднина ова може повторно да се воведе во пракса.

Сакам да упатам порака до вас граѓаните дека пандемијата ги засега и човековите права и дека како никогаш досега треба да покажеме единство, одговорност и грижа за здравствениот персонал, кој дава огромни жртви грижејќи се за нашето и здравјето на најблиските. Единствено и само со почитување на мерките и преку верба во научните факти, можеме да спречиме нови рестриктивни мерки и побрзо да се избориме со оваа пандемија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот