ВИДЕО | Малку ретро – Испратете некому новогодишна честитка

Националната Пошта  во периодот од 19 месецов до 15 јануари  ќе воведе новогодишен промотивен пакет на услуги за испраќање празнични честитки и подароци насловен „Да ја обновиме традицијата”.

Со промотивниот пакет, усвоен на седница на Управниот одбор на АД „Пошта на Северна Македонија”, се намалуваат цените за достава на пратки од адреса до адреса со тежина до пет килограми. Новата цена на услугата изнесува 80 денари во промотивниот период. Секое заинтересирано лице кое сака да испрати пратка од која било адреса на територија на град Скопје тоа може да го направи со јавување на телефонскиот број 15 000. Службени лица на Пошта ја преземаат пратката/подарокот од адресата на испраќачот и ја доставуваат на наведената адреса на примачот. Во другите населени места, граѓаните можат да ги достават пратките до единиците на поштенската мрежа, а оттаму службените лица на Пошта ќе ги испорачаат до адресата на примачот, информираат од Поштата.

Пакетот опфаќа и печатење на единечни празнични честитки изработени исклучиво од еко хартија, кои ќе бидат со ретро дизајн, како и нивна продажба на шалтерите на „Пошта” од 19 месецов. Цената за поштенско испраќање на една ваква честитка ќе изнесува девет денари. Дополнително, до крајот на оваа работна недела, јавно ќе биде објавена и продажната цена на честитките.

-На овој начин, сакаме да ги повикаме сите да ни се приклучат, со цел заедно да ја обновиме традицијата на испраќање честитка или подарок по пошта. Но исто така, на крајот на годината, која ни го промени секојдневното функционирање, да предизвикаме радост и насмевки кај нашите блиски и сакани во земјата и низ целиот свет, повеќе од неопходни во време на пандемија предизвикана од коронавирусот, истакнуваат од националната Пошта.

Ги повикуваат сите заинтересирани граѓани кои сакаат да ја поддржат оваа акција на социјалните мрежи да ги користат „#ПоштаМКД #ИспратиЧеститка #ИспратиПодарок”, или да испратат свое видео со повик и поддршка на оваа акција на официјалната Фејсбук страна на компанијата: https://www.facebook.com/postamkd.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот