ВИДЕО: Македонец во Топ 10 на ФИБА, Симиќ помеѓу кошаркарите кои блескаа во ноември

Теодор Симиќ меѓу повиканите за новите мундијалски квалификациски мечеви/ фото: fiba.basketball

Македонската кошаркарска сениорска репрезентација со два порази ги стартуваше квалификациите за пласман на Светскиот куп во 2023 година. Во Скопје загубивме од Шпанија со 65:94, а три дена подоцна во Киев подобра беше и селекцијата на Украина.

На дуелот во СЦ „Јане Сандански“ блескаше нашата кошаркарска надеж, 17-годишниот Теодор Симиќ (210 см.) кој беше прв стрелец воопшто на тој меч со 18 поени (75% прецизност) за 16 минути на паркетот.

Таквата одлична партија против актуелниот светски шампион го смести меѓу Топ 10 млади перспективни играчи или „Ѕвезди во подем“ кои се истакнаа во ноемвриските европски квалификации според Светската кошаркарска федерација (ФИБА).

Покрај Симиќ (Македонија) кој е најмлад на оваа листа, во изборот се најдоа уште Филип Петрушев (Србија), Александер Балцеровски (Полска), Микаел Јантунен (Финска), Роко Пркачин (Хрватска), Јам Мадар (Израел), Јустус Холац (Германија), Кеј ван дер Вуурст Де Врис (Холандија), Кенан Кемањас (Босна и Херцеговина) и Емил Стоилов (Бугарија).

Симиќ со Барса во Патра ќе брка место за евролигашкиот Фајнал-фор –

Симиќ кој воедно ги брани боите на Барселона ќе ја стартува новата евролигашка авантура во Патра, каде наредната сезона ќе се игра еден од четирите квалификациски турнири во јуниорска конкуренција. Во 20. по ред издание ќе разигруваат вкупно 28. клубови и кошаркарски академии од 13 различни држави кои ќе бараат пласман на завршниот турнир во Германија.

Првиот турнир ќе се игра токму во Германија, но во Минхен од 21. до 23. јануари. Наредниот, би се рекло, традиционално, ќе биде во Белград (25.-27. февруари).

Теодор Симиќ со Барселона ќе брка место на евролигашкиот Фајнал-фор турнир/Фото: kfsm.mk

Третиот, на кој ќе играат Симиќ и Барса, ќе се игра во грчката Патра од 25. до 27. март, а последниот во Варезе (од 1. до 3.април).

Новитет е дека на сите четири турнири ќе има еден специјално креиран тим „Next generation Team“ составен од играчи кои не влегле во еден од оние осум тимови присутни на турнирите. Првопласираните екипи од овие турнири ќе обезбедат билет за пат кон Берлин, каде на 29. мај ќе го дознаеме новиот јуниорски шампион во Евролигата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот