ВИДЕО | Лукаревска: Поборник сум да се зголеми повратот на ДДВ од 1800 на 2400 денари

Фото: МИА

Директорката на Управата за јавни приходи и заменик претседател на СДСМ, Сања Лукаревска смета дека мерката „Мој ДДВ“ треба и понатаму да се унапредува, и посочи дека е најголем поборник да се зголеми прагот на повратот на ДДВ.

Според Лукаревска, дури и два отсто да успеале да ја намалат сивата економија преку оваа мерка, успехот е одличен.

– Во повеќе наврати имаме телефонски јавувања, анонимни пријави дека не се издаваат фискални сметки. Некој пат и јавно се објавуваат на социјалните мрежи. Макар и два отсто ние да сме успеале да го намалиме процентот на сивата економија преку оваа мерка, успехот е одличен, рече Лукаревска во гостувањето во емисијата „Жешко политичко лето” на телевизијата Канал 5.

Прашана дали ќе се реализираат најавите за тоа дека поврат што го добиваат граѓаните од 1800 денари, ќе се зголеми на 2400, Лукаревска посочи дека сѐ што било ветувано во предизборието ќе се реализира, и оти е најголем поборник да се зголеми овој лимит.

– Мислам дека понатаму ќе треба оваа мерка да се унапредува. Во однос на зголемувањето на тој праг од 1800 на 2400 денари, секако дека самата пандемија ги измести сите исчекувања, но сѐ она што било ветувано во предизборието, секако дека ќе биде реализирано. Јас ќе бидам најголем поборник да го зголемиме лимитот, додаде таа.

Во однос на оние фирми кои за време на пандемијата минатата година земаа државна помош, а не ги исплатија платите на работниците, Лукаревска рече дека дел од контролите кај овие фирми уште траат, и оти секоја потребна документација ја доставиле до Основното јавно обвинителство.

– Во нашиот дел она што беше во законот за финансиска помош за работодавачите во време на ковид криза, ние тие контроли ги завршивме. Спроевдени се и уште траат дел од конторлите кај компаниите, но овојпат од даночен аспект го контолираме нивното работење, со тоа што утврдивме и таму одредени неправилности. Сѐ она што беше како документација од наша страна, ние го доставивме до Основното јавно обвинителство за да постапува, посочи директорката на УЈП.

Како што рече, секој оној кој што го злоупотребил законот, треба да сноси соодветна кривична одговорност.

Видео на денот