ВИДЕО | Куманово ќе ѝ помогне на соседната општина Старо Нагоричане во справување со пожарот

Фото: Facebook/Максим Димитриевски

Девет пожари биле регистрирани за 24 часа на подрачјето на Куманово, соопшти на денешната прес-конференција, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Како што инфромираше тој регистрирани биле пожари во Тромеѓа, Четирце, Пуковско, Пезово, Бељаковце, во фабрика за преработка на дрво во Доброшане и во Зубовце во викенд куќа.

– Во Мургаш всушност беше и најсериозниот пожар во изминатите 24 часа, во кој беа опожарени поголем број на куќи, покуќнини, домаќинства. За среќа нема човечки жртви и немаме сериозни здравствени повреди, освен во еден случај каде што дополнително од страна на надлежни медицински лица ќе се утврдат последиците, изјави Димитриевски.

Пожарникарите од Куманово 36 часа се ангажирани и работат покрај на подрачјето на Куманово и на териториите на соседните општини Старо Нагоричане и Липково.

Како што информираше Димитиревски еден од заклучоците од денешниот Кризен штаб за заштита и спасување, е да се стават на располагање дополнителните сили на противпожарната единица од Куманово на соседната општина Старо Нагоричане за справување со состојбата во Кокино, како и силите на јавното претпријатие „Чистота и зеленило” коешто врши континуиран дотур на вода со свои цистерни.

Димитриевски повика на смиреност и почитување на сите мерки и одлуки на Владата и централниот кризен штаб. Во однос на причината за настанатите пожари, тој истакна дека одговорноста треба да ја утврдат надлежните државни органи.

– Според укажувањата на дел од граѓаните сметаат дека можеби и електричната инсталација на одредени локации, односно преносот на електрична енергија е една од причините за појава на пожар на локација селото Мургаш. Лично, утрово ги посетив овие опожарени локации. Во моментов, покрај тоа што комплетно територијата на село Мургаш е ставена под контрола, се работи активно и на локација во близина на село Бељаковце или локалитет Липец, каде што директно имаме противпожарна екипа, потенцира тој.

Градоначалникот воедно испрати апел до месното население кое живее во село Бељаковце и на оваа територија да биде во приправност, бидејќи како што истакна има одредени места кои може да се реактивираат.

– Потребна е и граѓанска асистенција на одредени локации. Доколку забележат навремено да пријават до надлежните органи, а и дополнително самите да се вклучат во локализирање на таквите пожари на отворено, рече Димитриевски.

Видео на денот