ВИДЕО: Критики во Србија за полициска бруталност на вчерашниот протест

протест во србија фото МИА
Протест во Србија / Фото: МИА

За време на протестните блокади на патишта и мостовите низ Србија, што се одржаа во саботата поради усвојувањето на законот за експропријација и референдум, имаше судири меѓу демонстрантите и полицијата, имаше напади на демонстранти, а повеќе граѓани беа приведени во Шабац, Нови Сад, Ваљево, Прељина, јавуваат српските медиуми.

На социјалните мрежи беа објавени и снимки од бруталниот однос на полицијата кон демонстрантите, а порталот Нова.рс во текстот „Чекан, мотка, чизма: 5-те најголеми злобници и негативци од вчерашните блокади” ги наведува најекстремните случаи.

Една од најлошите сцени од вчерашните протести е забележана на патот кај Сава Центар, при што командирот на полициската управа Савски Венац исфрла девојка преку заштитната ограда. Нова го наведува случајот со приврзаниците на СНС од Трговиште кои ги нападнаа демонстрантите, предводени од пратеникот и поранешен градоначалник, како и случајот во Шабац кога член на Српската напредна странка со багер нападна мирни граѓани.

Во Шабац имаше и случај каде „тепачите” со дрвени греди, шипки, чекани ги нападнаа граѓаните кои го блокираа Новиот мост.

-Во тие напади беа повредени неколку лица, а еден од активистите заврши во Ургентниот центар. Хулиганите кои беа маскирани со качулки ги искршија стаклата на тракторите кои биле поставени во блокада преку патот, пишува Нова, а други медиуми го наведуваат случајот со министерот за внатрешни работи Александар Вулин, кој вчера беше на белградските улици заедно со полицијата.

Белградскиот центар за човекови права побара од МВР и од Омбудсманот да ја разгледаат одговорноста и постапките на полицаецот од видеото.

Како што соопштија од оваа организација, доставиле информации за „незаконско, непрофесионално и понижувачко постапување на полицаецот Александар Крстиќ”, кон граѓаните кои учествувале во блокадата на патот во Белград.

МВР во саботата соопшти дека блокадите на патиштата и непријавените собири се „прекршување на законот”.

Адвокатот Родољуб Шабиќ, поранешен заштитник на граѓаните, за Бета оцени дека апсењата на граѓани кои учествувале во мирните протести и употребата на сила од страна на полицијата се загрижувачки од аспект на човековите права и законитоста.

Синоќа околу двесте граѓани во Шабац се собраа пред Полициската управа, барајќи ослободување на уапсените трактористи кои учествуваа во блокадата на Новиот мост, а беше даден рок до понеделник да бидат уапсени и кривично гонети виновниците на нередите .

За во недела во 18 часот, пред Собранието на Србија највен е протест против насилството. Во понеделник за девет часот наутро е најавен протест во Лозница, а доколку не се исполнат наведените услови, во вторник навечер протест ќе се одржи и пред зградата на градската управа во Шабац.

Протести во Србија: Илјадници луѓе блокираа патишта поради рудник за литиум

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот