ВИДЕО | Ковид-19: Осаменоста пензионерите ја лекуваат со Скајп и Вибер

Пензионерите се едни од најпогодените категории граѓани поради пандемијата со коронавирусот. Тие не само што се најподложни на заразата, и најкритични доколку заболат, туку се и емотивно разорени поради неможноста да се видат со своите најблиски, да ги гушнат своите деца и внуци.

Чувството на осаменост е она што најмногу ги погодува пензионерите, особено оние кои се сместени во домови каде посетите се речиси секаде забранети.

Во државните пензионерски домови како да не постои коронавирусот

Ситуацијата во државните пензионерски домови кои ги посети репортерската екипа на „Слободен печат“ (тој во Ѓорче Петров, Аеродром и во Автокоманда) наликува како во земјава да нема пандемија.

На влезовите во овие три пензионерски домови нема чувар. Вратите се ширум отворени, а нема никакво дезинфекционо средство на влезот. Дел од пензионерите кои ги затекнавме при нашата посета, на устите имаа ставено наводни заштитни маски кои тие самите си ги правеле. Единствено што забележавме во пензионерскиот дом во Автокоманда, е дека управителот на домот на бел лист напишал дека е задолжително носење заштитна маска.

Во разговор со пензионерите кои влегуваа и излегуваа од домот дознавме дека и посетата во домовите не е забранета.

– Зошто да не може да дојде да влезе и да ме посети ќерката со внуците? Па ова е мој дом. Еве на лицето носам маска кога излегувам надвор до продавница. Кога сум дома ја ветреам на тераса. Пред некој ден се вакцинирав од сезонски грип. Барем од него сум безбедна. Мислам дека ова со короната нема да трае многу, за брзо време се ќе пројде – вели тетка Маре, пензионерка во државниот дом во Аеродром.

Таа вели дека си има дневна рутина. После доручекот, оди на кафе кај другарка ѝ која живее во третиот влез во домот, а се дружи и со други нејзини пријатели кои се исто како и неа станари во оваа институција.

Во приватните домови посетите се забранети

За разлика од хаосната ситуција која владее во државните пензионерски и старечки домови, сосемна поинаква е во тие приватните. Таму буквално се спроведуваат сите точки од задолжителниот протокол пропишан од Комисијата за заразни болести.

Во разговор со надлежните од домот „Панада“, еден од поголемите центри во Скопје, дознавме дека покрај се, не може да се згрижи лице ако нема ПЦР тест не постар од 24 часа, се со цел да не дојде до евентуално загрозување на здравјето на таму веќе сместените постари граѓани и на персоналот.

– Ние сами ги забранивме посетите уште пред тие да бидат воведени од Министерството за здравство. Во вакви околности, лицата кои се сместени во нашиот дом преку телефон или преку разни интернет апликации комуницираат со своите најблиски. Единствено да речам видување на јаве дозволивме летоска. Тогаш беше дозволено нивните најблиски да дојдат до оградата да ги видат своите најблиски, без притоа да дојде до близок контакт, за да евентуално не дојде до пренесување на коронависурот. Мораме да ги заштитиме нив, а и ние самите кои тука работиме. Кај нас не може да се згрижи лице ако нема нов ПЦР тест. Кај нас има луѓе кои живеат со години и мора да се почитуваат сите правила и процедури. Поради тоа што сме доследни до тоа, кај нас коронавирусот „не влезе“ – вели Даниела Стојановска од „Панада“.

Неможноста да се видат со најбликите и да остварат близок контакт со нив, во голема мера емотивно ги погодува пензионерите. Во изминативе месеци имало и смртни случаи, кои не се поврзани со коронавирусот, но сепак, на лицата сместени во домовите им било оневозможено во последните денови од животот да бидат со најблиските.

– Ние сочувствуваме и со роднините и со нашите штитеници, ја разбираме потребата да бидат заедно, посебно во тешки денови, и им даваме и поддршка но сепак, не смееме да имаме отстапки во однос на посетите. Изнајдовме начин за комуникација преку скајп. Модерната технологија помага барем преку камера да се видат со родните, вели д-р Салија Љатиф – Петрушовска, в.д директорка на Геронтолошкиот завод во Скопје.

„Ало пензионери“

Со цел на пензионерите да им се олесни животот и потребите од информации во секое време, Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија ги информира пензионерите од 4.8.2020 отвори телефонската линија 02 3213 227 „Ало, пензионерски прашања“.

Одговорите на прашањата од пензионерите ги даваат стручни и компетентни лица ангажирани од Сојузот, секој вторник и четврток од 10 до 12 часот.

„На овој начин се потврдува грижата за пензионерите со цел да добијат одговори на нивните психолошко-социолошки и здравствени проблеми, или да остварат обична комуникација со што ќе се потврди значењето на едно „АЛО“ и вниманието неопходно за луѓето во третата доба“, велат од Сојузот на пензионерите.

Најголем дел од жртвите на коронавирусот се старите лица

Според податоците кои секојдневно ги објавува македонското Министерство за здравство, голем дел од починатите се средовечни граѓани. За разлика од некои европски земји каде коронавирусот зад себе остави пустош во старечки и пензионерски домови, во земјава состојбата е под контрола.

Речиси половината од сите смртни случаи од коронавирусот во Европа се случиле во домови за стари лица, но повеќето не се вклучени во официјалните податоци ниту заведени како поврзани со пандемијата.

Според истражувачки тим на Лондонската школа за економија, соодносот на жители на домови за стари лица со смртни случаи поврзани со коронавирусот во пет европски земји се движи од 46 отсто во Белгија до 57 проценти во Шпанија. Истражувачите ги прегледале и официјалните проценки и новинарските извештаи во Италија, Франција и Ирска. Тие велат дека малку земји систематски ги тестирале жителите и вработените во домовите за стари лица, поради што е тешко да се проценат стапките на зараза и смртност.

Владите во Италија, Шпанија и Франција не вршат редовни тестови за коронавирус меѓу постарите жители кои се разболуваат во домовите за нега, ниту пак за оние кои умираат таму, дури и доколку имале симптоми на болеста. Во овие три земји се регистрирани речиси една третина од сите случаи на глобално ниво, а поради ниското ниво на тестирање, стотици, можеби и илјадници жртви на болеста воопшто не се заведуваат.

Организацијата Care England проценува дека илјадници луѓе починале од новиот коронавирус во пензионерските домови во Велика Британија, далеку повеќе од официјалните бројки, откако се споменува 7.500 смртни случаи. Речиси половина од смртните случаи од коронавирус во Европа биле штитеници во старечки домови, според Светската здравствена организација (СЗО).

„Ова е незамислива човечка трагедија“, изјави генералниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге.

Тој изрази длабока загриженост поради ова и истакна дека станува збор за глобален проблем.

„Оваа пандемија фрли светлина врз потценетите делови на нашето општество. Грижата за возрасните лица во домовите во европскиот регион честопати е ноторно запоставена. Не треба да биде така“, рече Клуге, нарекувајќи ги вработените во тие институции „тивки херои на оваа пандемија“.

Клуге рече дека има „непосредна итна потреба“ да се разгледа и прилагоди начинот на работа на институциите за грижа на стари лица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот