Фото: Скриншот/Јутјуб

ВИДЕО | „Кој верува во чуда, тој и создава чуда!“: Црногорка го очекува своето прво дете на 57 години

Марко (69) и Соња (57) Миротиќ од Црна Гора успеаја да го остварат својот долгогодишен сон да станат родители, и тоа во поодминати години, откако повеќе од две децении воделе битка за потомство.

По многу обиди, разочарувања и тешки моменти, нивната желба конечно се исполнила минатата година, кога во клиника во Скопје им било кажано дека нема ограничување за бременост. Врз основа на добрите здравствени резултати, тие се одлучиле за вештачко оплодување.

„Лекарите беа задоволни од наодите. Бидејќи во текот на постапката имав одредени компликации, трансферот беше извршен дури на 26 јуни. Вкупно беа оплодени пет ембриони – два ми вбризгаа, а еден успеа да се задржи. Имам уште три и се надевам дека и нив ќе ги искористам во иднина“, раскажа Соња за порталот „Дан“.

Терминот за породување е во април, а веста за бременоста ја примиле со огромна радост.

„Никогаш нема да го заборавам моментот кога сопругот ми ги донесе резултатите. Штом ги видов бројките, почнав да скокам од среќа, да плачам, да се смеам. Марко едвај ме смири. Веднаш го повика внукот и му кажа дека стрина му е бремена. Тоа беше непроценлив момент“, раскажува таа.

Иако посакувале нивното бебе да се роди на нивниот роденден, докторите им објасниле дека не е можно да се закаже царски рез само заради датумот.

„Тоа ќе беше совршен роденденски подарок, но најважно ни е детето да се роди здраво. Без разлика кога ќе дојде на свет, тоа ќе биде нашето најголемо богатство. Сакам да им порачам на сите парови кои минуваат низ слични предизвици да не губат надеж. Најважно е да веруваат во себе, во својот партнер и во својата желба за родителство. Можно е да дојдат моменти на слабост, кога ќе помислат да се откажат – тоа е сосема разбирливо, бидејќи целиот процес е и емоционално и финансиски исцрпувачки. Но, упорноста носи резултати. Кој верува во чуда, чуда и создава. Никогаш не треба да се предаваат“, вели Соња.

Сепак, Соња нема да биде најстарата мајка на Балканот – минатата година, 61-годишна жена од Македонија роди син.

„Ние бевме највозрасниот брачен пар кој се подложил на третманот, но таму доаѓаат и многу млади луѓе, дури и од 19-20 години. Иако ниеден лекар не може да гарантира успех, најважно е да се верува. Со силна верба, сè е возможно“, заклучува Соња.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот