ВИДЕО: Кој ги запали кинеските локали во Блок 70 во Белград

Пожарникари/ Фото: EPA-EFE/KOCA SULEJMANOVIC

Кинеските трговци неретко биле мета на рекетари, закани и уцени и тие случаи често не се пријавувани кај властите. Нивната стока е популарна и се троши, иако го нема потребниот квалитет.

Откако рано утрово беше изгаснат пожарот кој го зафати кинескиот трговски центар на Нов Белград, на српските истражни органи и служби им останува отворено прашањето за причината за пожарот. Засега се шпекулира дека огнот почнал од дуќан во приземјето, па се проширил со молскавична брзина на целиот објект.

Дали пожарот е подметнат или од небрежност, штетите допрва ќе се проценуваат, а на улица веќе се стотици работници, Кинези и Срби кои работеа во сега, изгорените локали во трговскиот додека не се обнови и санира трговскиот.

Големиот пожар го зафати кинескиот трговски центар во Блокот 70 околу 20 часот. Пожарникарите набрзо дојдоа на местото во обид да го изгаснат, но брзо се ширеше и околу 23 часот толку се распламтил што уништил се пред себе.

Во борбата со пламените јазици учествувале 127 пожарникари и над 50 возила, јавуваат српските медиуми нагласувајќи дека ова е една од поголемите противпожарни акции на белградските бригади.

На самото место експлодирале и многу плински боци кои ги има во дуќаните, а чад се ширел низ цел Нов Белград.

Полицијата сега го обезбедува центарот и не дозволува пристап од никого, освен од пожарникарите.

Сопствениците и работниците во дуќаните од надворешната страна на трговскиот центар кои не се директно зафатени од пожарот се обидуваат да ги извлечат и спасат работите коишто може да се спаси. 

Дуќаните од внатрешната страна на центарот се целосно уништени.

Кинеските државјани кои работат во овој центар се во шок, зошто со децении работат и живеат од овој бизнис со кинеска стока и сега е загрозена нивната егзистенција и опстанокот во Србија.

Блокот 70 е популарен пазар за ситни трговци од целиот регион, кои од овде купуваа производи за своите тезги и дуќани и ги препродаваа во Македонија, БиХ, Косово и другите земји.

Милошевиќ ги покани Кинезите во Белград

Во Србија живеат и работат околу 4.000 кинески државјани. Според последниот попис на население, во 2011 година живееле 1.373 Кинези, главно во Белград, но повеќето од нив немале српско државјанство.

Главниот бизнис им е трговија на големо и мало, работат речиси деноноќно во дуќаните во Блок 70 и некои помали на разни локации во Белград, како и во другите градови во Србија, зошто речиси да нема место каде не постои кинески дуќан.

Тие се љубезни, повлечени и ненаметливи трговци, повеќето не говорат српски јазик но со универзалниот на префригани продавачи, лесно може да се ценкате. Главно белграѓани се задоволни од кинеските соседи, иако често се прашуваат како живеат. „Како сардини по 20-30 луѓе во еден стан“, се гласини кои се шират со години за стотиците Кинези самци кои работат во српската престолнина, иако се повеќе има цели семејства чии деца се родени во Србија и тука се школуваат.

Инаку кинеската имиграција во Србија е поттикната откако во 1997 година тогашниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ заедно со сопругата Мира ја посети Кина. Веќе следната година во август во Србија имало над 30 кинески државјани кои од разни првенствено дошле поради образованието. Главно тие се останати во Србија се уште и поседуваат државјанство.

Постоеја шпекулации дека Милошевиќ ги повикал Кинезите за да ги искористи во изборниот процес на своја страна, но официјалните бројки покажуваат дека не се во толкав голем број за да влијаат на исходот на избори, а долгорочно, повеќето од нив немаат регулиран статус и српско државјанство иако над 10 години живеат и работат во Србија.

Во наредните години исто така има наплив на Кинези, кои полека почнуваат да отвораат дуќани и ресторани и да го запоседнуваат популарниот Блок 70. Во него само 223 Кинези имаат работни дозволи, што значи дека 4.000-5.000 кинески работници од Белград профитираат на црниот пазар.

Освен во Блок 70, кинески продавници има во неколку поранешни стоковни куќи во Белград, како и во кинескиот трговски центар во Нови Сад.

Кинеските трговци неретко биле мета на рекетари, закани и уцени и тие случаи често не се пријавувани кај властите. Нивната стока е популарна и се троши, иако го нема потребниот квалитет, но во услови на широкораспространета сиромаштија, нивните текстилни производи, пластика, електрични апарати и покуќнина се купуваат пред се поради ниските цени и широкиот асортиман кој го нудат.

Според последните податоци Србија годишно ја посетуваат околу 80.000 кинески туристи, поради тесната соработка на Србија со Кина, што ја прави земјата интересна туристичка дестинација за азиските туристи кои изминативе години се љубопитни да ги запознаат европските култури.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот