ВИДЕО | Коцевска, Драгшиќ: Книгата „Нашиот пат“ поканува да научиме феминистички приказни кои биле заборавени

Коцевска и Драгшиќ гостинки во Утрински брифинг / Фото: Слободен печат

Деновиве беше промовирана публикацијата „Нашиот пат – 25 женски приказни од историјата“ од авторките Ивана Хаџиевска, Јана Коцевска и Ивана Драгшиќ и претставува водич по географијата на Северна Македонија, но и низ темпоралните врвици на жените кои учествувале во нејзините главни историски текови.

„Веќе подолго време ја имавме идејата за оваа книга, но сега ја добивме приликата и поддршката од нашите партнерки од регионот, тоа се „Место женск“ од Љубљана и „Вокс фемина“ од Загреб заедно во проектот „Жени за жени“ го инициравме ова и ваква публикација излезе во трите држави и имаме по 25 приказни од Северна Македонија, Хрватска и Словенија. Она што е интересно е дека се работи за своевиден водич во кој заедно со биографиите на жените и колективите кои нам ни се важни од женската, феминистичка перспектива, опишани се и географските локации каде се случувале тие приказни. Не саквме да ги категоризираме жените, се водевме според тоа што ние мислевме дека е важно да го забележиме. Во книгата се поместени биогарфиите на седумте народни херојки, но и на нашши современички. Понудивме феминистичко читање на нивните биографии, работевме во пандемиски услови, користевме податоци од интернет, а во библиотеките наидувавме на препреки од типот на недостаток на книги и тоа е посебна тема за зачувувањето на женското културно наследство. Но овде не е крајот ние секако ќе го продолжиме овој проект да го надоградуваме веб сајтот на кој ќе бидат и географските локации за да можат луѓето да ја замислат таа друга историја која ја нема во учебниците по историја“, рече Јана Коцевска, една од авторките на книгата.

Во време кога се чини дека секојдневно се наоѓаме на некаква општествена, културолошка и политичка крстосница, овие приказни се потенцијална мапа за изнаоѓање на алтернативни начини на дејствување.

„Движењето во физичкиот простор, низ градовите и руралните локации, но и во времето напред и наназад го сметаме како еден од основните феминистички принципи и затоа оваа книга поканува не само да учиме за некои феминистички наративи кои што се испуштени, туку и повеќе да се движиме. Она што е ново во оваа книга, а досега го немало е интерсекционално гледање на биографиите на жените, активностите со кои што тие се занимавале не само како достигнувања во свет во кој генерално владеат хетеропатријахални вредности, туку и како жени кои успеале да прбродат многу препреки што ги поставува ваквото општество, да создадат заедници, да замислат поубави и поправедни светови и работеле на тоа. Во последните дваесетина години сведоци сме дека институтите, библиотеките, архивите од места на сеќавање и учење за овие работи се претворени во места на заборав, не само дискурзивно и наративно, туку и физички во просторот“, вели за Утрински брифинг Ивана Драгшиќ, една од авторките на книгата.

Во книгата се поместени биографии на Аница Савиќ-Ребац, Атина Бојаџи, Билјана Гарванлиева, Вера Ацева-Доста, Веселинка Малинска, Делфа Иваниќ, Елпида Караманди-Бисера, Есма Реџепова, Естреја Овадија-Мара, Женското занаетчиско училиште Струга, Захарија Василева Шумљанска, Ибе Паликуќа, Именувањето на мостот „Роса Плавева и Накие Бајрам“, Јулија Бојкова Божиновска, Крушевските курирки од МРО, Лила Милиќ, Мара Нацева, Мимоза Несторова-Томиќ, Олга Папеш, Оливера Јоциќ, Паркот Жена борец, Скопските килимарски работнички, Уредничките на списанието „Македонка“, Фана Кочовска-Петра и Фанула Папазоглу.

Проследете го целиот разговор во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот