ВИДЕО | Клупата на Горан Стефановски е готова, едвај чекам да си дојде во Дебар Маало, вели синот Игор

Клупата на Горан Стефановски е сосема готова! Едвај чекам да си дојде на своето предвидено место и да можеме да си седнуваме на неа со него. Е сега, не се знае кога ќе имаме можност да се собереме во Дебар Маало за поставувањето, ама важно е готова, напиша на Фејсбук неговиот син Игор Стефановски.

Во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, Игор истакна дека автор на бистата на Горан Стефановски е човек од Англија со големо искуство.

-Заврши одлична работа. Мене ми беше важно да кажам дека е готова. Сега треба да организирам транспорт во Македонија. Идејата е да биде во Дебар маало, на крајот од ул „27 април“, изјави во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ Игор Стефановски.

-Целта на Здружението е едноставна: Опусот на Горан да биде секогаш на дофат, во различни форми. Многу луѓе го сакаа Горан и би сакал да работиме заедно тој да биде што подостапен кај нас. Имам многу идеи, но важно имаме чадор под кој што можеме неговото дело да го направиме подостапно, вели Стефановски кој во Утрински брифинг прочита и еден дел од Горан Стефановски во која тој говори за важноста на културата:

„Сите живи суштества се раѓаат со инстинкт за преживување. Пајаците, за да преживеат, имаат совршен вроден инстинкт за ткаење мрежи. Луѓето, за да преживеат, имаат совршен вроден инстинкт за ткаење приказни – за тоа кои се, што се, од каде доаѓаат и каде одат. За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се с’рж на нашиот живот, столб на нашиот идентитет. Идентитетот е приказна за тоа кои сме, зошто сме и што сакаме. За да можеме да преживееме во суровиот свет, оваа приказна мора да е точна, заснована на познаванье на теренот, на длабок увид, на прецизен тлоцрт. Погрешната приказна може скапо да не чини, да не одведе во заблуда, во ќорсокак, во смрт. Бидејќи теренот постојано се менува, и приказната мора да претрпува постојани уточнувања. Приказната е мапа. Ако мапата не одговара на теренот, ние сме изгубени, како во џунгла. Имаме насушна потреба да ja разбереме приказната за себе, да се огледаме, да се препознаеме, да се окуражиме. Копнееме да ja споредиме нашата приказна со други приказни, да испитаме каде сме исти, каде слични, а каде сосем различии. Бараме мајстор раскажувач кој ќе ги протолкува знаците, ќе ги симне маските, ќе ги поврзе причините и последиците, ќе понуди патокази. Приказната некогаш е неартикулиран крик, некогаш хармонична мелодија; некогаш е темна и непроѕирна како рентгенска снимка, некогаш е сјајна и весела како бајка; некогаш е смешна, некогаш ужасна, а понекогаш и двете. Но едно е јасно: ниедна култура не може да опстане без точна, снажна и автентична приказна! И не само тоа: Културата Е токму таа точна и снажна и автентична приказна“.

Целиот разговор проследете го во видеото: 

Споменикот за Горан Стефановски ќе биде поставен во неговото Дебар Маало

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот