
ВИДЕО: Ќе ѝ ја вратиме гордоста на Америка, порача Трамп од победничкиот митинг во Вашингтон
Новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, вечерва го одржува победничкиот митинг во Вашингтон, ден пред неговата инаугурација и враќањето во Белата куќа.
Препорачано
На почетокот на говорот, Трамп на своите поддржувачи им порача: „Победивме!“
„Ќе ја направиме нашата земја повторно голема“, рече Трамп, додавајќи дека е воодушевен што се вратил.
Присутните, според американските медиуми десетици илјади луѓе, скандираа: „САД, САД“.
„Ќе ја направиме Америка повторно горда“, рече Трамп и им се заблагодари на луѓето што дојдоа во Вашингтон.
„Утре напладне се затвора завесата на четирите долги години американски пад и започнуваме сосема нов ден на американската сила и просперитет, достоинство и гордост. Ќе го вратиме сето тоа еднаш-засекогаш“, рече новоизбраниот претседател.
„Ги гледам митинзите што се одржуваат низ целата земја, луѓето се среќни, тоа е благодарение на вас“, рече Трамп.
Тој, исто така, се пофали со „враќањето на ‘ТикТок’“, пред да се осврне и на прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас, кој денеска стапи во сила.
„Првите заложници се ослободени, којзнае што ќе се случи. Можеби ќе кажат дека завршиле добро со преговорите…“, рече Трамп.
Во завршниот дел од долгиот говор, американскиот претседател рече дека „ќе спречи да започне Трета светска војна“, додавајќи: „Немате поим колку сме блиску до тоа“.
Претходно денеска во Вашингтон се одржа и собир на противници на Трамп, насловен „Маршот на народот“. Тоа е продолжение на собирите кои од 2017 година се одржуваа под насловот „Маршот на жените“. И денес, мнозинството од учесниците на собирот беа жени. Сепак, на него се појавија околу 5.000 учесници, далеку помалку од минатите години и од проценките на организаторите, кои очекуваа десеткратно повеќе луѓе.