Катни гаражи, градинки, спортски сали, паркови – амбициозни планови на кандидатите за градоначалник на Карпош

Дебата на кандидатите за градоначалник на општина Карпош на Тв Телма / 1 октомври 2021 / фото: Тв Телма/принтскрин

Кандидатите за градоначалник на Карпош во вечерашното предизборно соочување на телевизија Телма изнесоа амбициозни планови и дадоа големи ветувања за развој на општината.

Во борбата за градоначалничката функција во скопската општина влегоа Оливер Зафировски од ВМРО-ДПМНЕ, Душко Весковски од СДСМ, Дарко Ристовски од Левица, поранешниот прв човек на општината – Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Христа Најданов од ЛДП и ДОМ и Васко Костов од Македонска ера трета.

Кандидатот на коалицијата предводена од СДСМ, Весковски, најави дека ќе го реши проблемот со недостиг од места за паркинг во Карпош 3 со изградба на катна гаража позади Т.Ц. „Лептокарија“ со зелена површина. Тој исто така најави и изградба на две нови градинки.

Според него, општината ќе добие и нов голем парк во Карпош 4 на простор од 60 метри квадратни.

„Пред 4 години имавме долг од 18 милиони евра, а благодарение на владата од СДСМ половина од тој долг беше расчистен. Долгот во моментов е 4 милиони евра. Паркирање во самопарцела, блоковско зеленило и заеднички контакт и пристап на општината до граѓаните, ќе биде нов заштитен знак на Карпош,“ рече Весковски.

Наспроти ова, Зафировски рече дека општината „не може повеќе да се бетонизира, а да не се прави план каде ќе има паркинг“.

„Же ни треба и децата да одат во школо, градинка, потребни се градинки, спортски сали, културен живот. Се прават згради без да се мисли за сите други потреби што ги имаат граѓаните, а каде се тука потребите на тие граѓани, но и аерозагадувањето, или промената на климата, изјави кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.

Зафировски истакна дека Карпош има огромен проблем со паркинг простор и затоа во неговата програма се предвидуваат пет нови катни гаражи.

„Ќе најдеме начин и простор тие да бидат функционални и во интерес на граѓаните. Местата каде ќе се направат катните гаражи тоа е Карпош 1 каде е оптеретено, делот кај Катастарот, кај млечен, Лептокарија, а во Карпош 4 нема простор за катна гаража бидејќи сѐ е бетонизирано“, рече Зафировски, додавајќи дека Карпош „мора да биде еколошки, чист и хумана општина, а таа во овој момент е запоставена“

Јакимовски рече дека се кандидирал за да ги доврши проектите кои ги започнал во мандатот во кој ја предводеше општината, а кои според него ќе го направат Карпош поубав и пофункционален.

„Гарантирам дека сметот веќе нема да го гледаме по улиците, ќе се направат подземни контејнери, целото ѓубре ќе оди под земја“, рече тој, а најави и промена на сите азбестни кровови кои сѐ уште постојат на зградите во општината. Јакимовски најави и продолжување на проектите за реконструкција на фасадите, како и дека заедно со граѓаните, ќе се променат лифтовите постари од 1990 година во сите станбени згради во Карпош.

Ристовски од Левица рече дека под негово раководство општината ќе работи транспарентно, а посебен фокус ќе биде ставен врз намалувањето на загадувањето, како и за обновување на парковите и зеленилото. Тој најави ревизија на спорните ДУП-ови, сопирање на непланското градење и изградба на катни гаражи. Според Ристовски, досегашните власти во Карпош го изгубиле легитимитетот да презентираат, ветуваат и да бараат поддршка за граѓаните на општината.

Најданов од ЛДП и ДОМ во дебатата рече дека на Карпош му фалат повеќе зелени површини, големи плоштади, помалку бетонизација, а најави дека неговиот капитален проект ќе бидат граѓаните, односно дека ќе работи за да се задоволат нивните барања и потреби.

Костов, пај, најави дека ќе се залага Карпош да стане „најчиста еколошка и зелена општина“, како и „позитивен пример за брз економски развој“.

Видео на денот