ВИДЕО: Карпалак и драматичните настани летото 2001 година кои ја одбележаа поновата македонска историја

Заседата кај Карпалак на 08.08.2001 година во која загинаа 10 припадници на АРМ/Фото: ALEXANDER NEMENOV / AFP / Profimedia

Денеска се навршуваат 21 година од загинувањето на армиските припадници кај месноста Карпалак. На трагичната погибија во 2001 година на овој ден претходеа низа драматични настани во кои се бараше пред се политичко решение за воениот конфликт кој траеше речиси од почетокот на годината со спорадични напади и престрелки со македонските безбедносни сили, при што се зголемуваше бројот на жртвите.

Во јули и август, во вилата Билјана во Охрид македонскиот државен и политички врв со меѓународните посредници Франсоа Леотар во име на ЕУ и Џејмс Пердју, како американски претставник со недели се обидуваа да го скројат политичкото решение за воениот конфликт во Македонија во 2001 година, на теренот не стивнуваат борбите меѓу македонските безбедносни сили и борците на ОНА. Забележани се инциденти во кои настрада цивилно македонско население, како киднапирањето на петмина работници од ГП Маврово и изживување врз нив, како и на други лица на кои потоа и ќе им се загуби секаква трага.

Утрото на 8 август 2001 година во 9:30 часот на автопатот Скопје – Тетово армискиот конвој составен од пет возила и 120 резервисти влезе во заседа кај месноста Карпалак, при што се убиени 10 припадници на резервниот состав на АРМ, а тројца се повредени во нападот.

На самото место загинаа Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Горан Миноски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Бранко Секулоски, Дарко Вељаноски, Пеце Секулоски, Веби Рушитоски, Марко Деспотоски, сите од Прилеп и Прилепско.

Истата вечер во Охрид беше парафиран Рамковниот договор и закажано неговото потпишување на 13 август. Воедно беше и осуден нападот во Карпалак. Вечерта пред Собранието се случи спонтан протест на граѓаните кои бараа одлучна пресметка со албанската паравоена формација.

На 9 август министерството за одбрана ги соопшти имињата на загинатите припадници на резерниот состав на АРМ и тогашниот министер Владо Бучковски повика да се смират страстите да и му се даде шанса на мирот. Во Прилеп беше запалена џамија во знак на револт за загинувањето на војниците од Прилеп.

Кога утрото на 10 август Прилеп беше завиен во црно, одекнуваа лелеци и плач на патот кон гробиштата каде се погребуваа посмртните останки на загинатите бранители кај Карпалак, околу 8 часот наутро, кај месноста Љуботенски Бачила на околу 5 км од скопското село Љуботен, камион на АРМ полн со муниција налетува на две нагазни мини поставени на патот. Во експлозијата загинаа 8 војници од резервниот состав на АРМ.

Селото Љуботен е гранатирано, влегуваат македонските безбедносни сили, при што е извршен масакр врз десет, наводно албански цивили и тоа единствениот случај поради кој Хашкиот трибунал поведе постапка за повреди на законите и обичаите на војувањето на 12 август 2001 година во село Љуботен за што им се судеше единствено на Љубе Бошковски и Јохан Тарчуловски.

Воениот конфликт во 2001 година официјално беше окончан со потпишувањето на Рамковниот договор на 13 август и договореното разоружување на ОНА, но како последен голем инцидент е забележана заседата од 11 ноември 2001 година кај Требош кога загинаа тројца припадници на полициската единица „Лавови“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот