ВИДЕО | Како угостителите и музичарите ќе ја „преживеат“ корона-кризата? Голем дел од нив веќе ја сменија професијата

img alt
Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Врaботените во музичкиот сектор заедно со угостителите се меѓу финансиски најпогодените од пандемијата со коронавирусот. Тие речиси цела година беа оневозможени да работат, поради што неколкупати протестираа барајќи државна финансиска помош, но и олабавување на мерките, со цел вршење на дејноста. Забраната за работа на угостителскиот сектор, како и ограничувањата на работното време за време на пандемијата варираа од месец во месец, зависно од епидемиолошката состојба во државата. Секоја нова рестриктивна одлука предложена од Комисијата за заразни болести, а изгласана на владина седница, секогаш наидуваше на остри критики од страна на угостителскиот сектор. Сопствениците на ресторани не го криеја незадоволството од забраната за работа.

Работите се променија месецов откако почна да се намалува бројот на новозаразени од коронавирус.

Веќе дваесетина дена на рестораните кои имаат летни тераси им е овозможено да организираат семејни веселби со жива музика, на што најмногу се израдуваа идните младоженци. Сепак, Комисијата за заразни болести, отворањето на сезоната на свадби ја овозможи само со почитување на строги протоколи. За забрането однесување се смета дури и традиционалното држење за раце додека се игра на веселбата. Дали младоженците и гостите ги почитуваат правилата, ја прашавме сопственичката на ресторанот „Градина“, Марија Синадиновска Арсовска.

– Гостите не се држат за раце, играат со салфетка помеѓу нив. Сите се дисциплинирани и ги почитуваат протоколите . А, тоа дека во ниту една свадбена прослава не е регистиран прекршок го потврдуваат и инспекторите од Државниот пазарен инспекторат кои доаѓаат во инспекција секој викенд, вели Арсовска.

Сепак, не сите музичари и сопственици на ресторани добија шанса да работат. Освен за бендовите за веселби и рестораните со летна тераса, олабавувањето на мерките не важи за останатите музичари и диџеи, ниту пак за рестораните кои работат во затворен простор.

Поради ваквата одлука повторно пред Владата имаше протест. Овојпат на музичарите. Но протестот не доби масовност, од причина што „свадбарите“ не им дадоа поддршка на нивните колеги кои не се ангажирани на семејни прослави. Дел од музичарите со кои разговараше Слободен печат велат дека веќе размислуваат за промени во кариерата, односно преориентација кон некоја друга работа, која како што велат, ќе им овозможи да обезбедат егзистенција за себе и семејството.

Во екот на пандемијата, музичарите се снаоѓаат како знаат и умеат, а како успеваат да преживет слушнете од разговорот со нив.

Со цел намалување на економските последици, Владата креираше пакет мерки во кои беа вклучени угостителите, но и музичарите.

Врз основа на остварениот приход во 2019 година, бројот на вработени и типот на лиценцата за работа, туристичките агенции добија помош која можеше да изнесува најмногу до 180.000,00 денари за Б лиценца и најмногу до 430.000,00 денари за А лиценца.

Со цел поддршка на угостителските објекти, обезбедени беа грантови за категоризирани ресторани кои имаа пад во нивните приходи над 75%, односно ресторани кои организираат свечености, свадби и настани, и поради пандемијата беа ограничени да вршат дејност.

Износот на средства се доделуваше во зависност од остварениот вкупен приход во 2019 година, бројот на вработени и видот на решението за категоризација а изнесуваше од 180.000 до 600.000 денари за правен субјект, за што во Буџетот беа предвидени 60.000.000,00 денари.

За игротеките предвидени беа во Буџетот 153.000 денари, а средствата се доделуваа согласно вкупниот приход на субјектот во претходната. Помошта варираше од 90.000 до 300.000 денари.

И туристичките водичи добија грантови во износ од 3 просечни плати односно по 65.000 денари за секој туристички водич кои поради кризата со пандемијата не можеше да ја обавува дејноста, за што во Буџетот беа предвидени 9.800.000 денари.

Вкупниот износ на средства за оваа мерка предвиден во Буџетот е 9.800.000 денари. За реализација на сите 5 мерки Министерството за економија со Ребалансот на Буџетот има обезбедено средства во износ од  459.650.000 денари, односно 7,5 милиони евра.

Претходно, премиерот Зоран Заев информираше дека финансиска поддршка од 30.750 денари ќе добијат сите музичари и членови на здруженијата на музичари, а денеска Владата ги објави резултатите за одобрени средства преку јавниот повик за финансиска поддршка за индустријата за организација на настани на теми со кои одбележува 30 години независност на Македонија.

Станува збор за сума од 61.499.421 денари, или околу еден милион евра. Овие средства се распределени на 33 правни лица, односно на продукции и друштва за сценско-културни дејства, за проекти кои содржат музички концерти, театарски претстави, предавања, туристички прошетки, едукативни работилници, поетски читања и друго, со задолжително ангажирање на домашни изведувачи.

И додека делумно се задоволени барањата на угостителскиот и музичкиот сектор, угостителите и сопствениците на ресторани за свадби велат дека иницијативниот одбор за организирање настани бара протоколот да се преадаптира и за тие што немаат летни тераси.

– Не се ставени на листа за помош, а не смеат да работатат. Тоа е голема неправда. А од друга страна, имаат капацитет за да организираат големи настани, исто така и вентилација. Затоа размислуваме повторно да излеземе на протест, изјави Марија Синадиновска Арсовска.

Немањето настапи им ги сведе приходите на угостителите на минимум, а сега сакаат да има жива музика со почитување на препораките и протоколите за работа во ресторани и угостителски објекти.

Претседателот на Независната угостителска комора, Здравко Јосифовски вели дека во периодот кој следи ќе размислуваат како да ги санираат штетите предизвикани од пандемијата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот