ВИДЕО | Јовановски: Не сум лудо задоволен, ниту многу разочаран од работата на Советот на Град Скопје

Горјан Јовановски
Горјан Јовановски, советник во Советот на Град Скопје/Фото: Слободен печат

Веќе 6 месеци функционира Совет на Град Скопје во нов состав по локалните избори, а со него претседава професорот Трајко Славески, а меѓу советниците има и двајца од коалицијата Зелен хуман град кои не се во коалиција со советниците од другите партии.

– Почетокот е во ред. Се запознаваме со структурата. Треба да има кохезија. Не сум лудо задоволен, ниту многу разочаран. Мислам дека претседателот на Советот Трајко Славески доста добро си ја врши работата. Нема чекање и се` е добро од таа сфера, изјави во Утрински брифинг Горјан Јовановски, член на Советот на Град Скопје од Зелен хуман град (ЗХГ).

Говорејќи за соработката со градоначалничката Арсовска, Јовановски вели дека имаат соработка, но идејата е да бидат слушнати од ЗХГ.

– Проблемот со јавноста и новинарите, ние на Кабинетот на градоначалничката, им спомнавме дека е потребно подобрување, но со нас како советници, јас гледам дека имаме добра комуникација. „Буткаме“ амандмани кои се поднесени, со надеж дека проектите ќе се финализираат, вели Јовановски.

Јовановски се осврна и на една од нивните идеи која помина во Советот на Град Скопје, а тоа е градска компостара, за која сега се чека дозвола од други институции за да се финализира.

– Градска компостара е проект на Зелен хуман град кој е добробит на Градот. Тука може целиот органски отпад да се компостира и после да се користи како органско ѓубриво. Градот може да го користи и да го продава компостот во земјоделскиот сектор. Има и идеја за мали компостари во општините. Веќе две такви функционираат во Пробиштип, објаснува Јовановски.

Тој се осврна и на проблемите со велосипедските патеки во Скопје како и на други актуелни проблеми во главниот град кои треба да ги решаваат советниците и градоначалничката Данела Арсовска.

Целиот разговор погледнете го во видеото:

Видео на денот