ВИДЕО: Јокиќ „скромен“ во поразот на Денвер, Бостон доминира на Истокот

Кошаркарите на Денвер се поразени на гостувањето од екипата на Кливленд со 121:109 во НБА лигата. Тоа е веќе трет пораз за Нагетси во последните четири натпревари.
Српскиот кошаркар на Денвер, Никола Јокиќ овојпат имаше нешто „поскромни“ бројки, го заврши мечот со „дабл-дабл“ учинок од 18 поени, 10 скокови и седум асистенции.
Кај неговите тимски колеги најрасположен беше Мајкл Портер со 21 поен, а за Кавалирси како прв стрелец се истакна Дариус Гарланд со 26 поени. Во Западната конференција Денвер е третопласиран (9-4), додека Кливленд е на осмата позиција на Истокот (7-6).
Бостон ја запиша и шестата победа во низа, откако со 100:102 славеше кај Мемфис. Летонецот Кристапс Порзингис доминираше во редовите на Селтикси со 26 поени (осум скокови), а за Гризлис Десмонд Бејн забележа 30 поени (осум асистенции).
Бостон е на првата позиција во Источната конференција (11-2), додека Мемфис е на 13 место на Западот (3-10):
НБА лига, резултати –
Кливленд – Денвер 121:109
Далас – Сакраменто 113:129
Мемфис – Бостон 100:102
Јута – Феникс 137:140 (по 2 продолженија)
Портланд – Оклахома 91:134
ЛА Лејкерс – Хјустон 105:104