ВИДЕО | Јакимовски во улога на инспектор: Нема да дозволиме на „диво“ да се прекопуваат нови улици во Карпош

Фото: Скриншот, Фејсбук

Сакам да ве информирам дека по пријава на граѓани за „диво“ копање на улицата Букурешка, утрово излегов на терен за лично да се запознаам со ситуацијата, напиша новиот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски на својата официјална Фејсбук страница.

– Од одговорното лице на фирмата што го затекнав на лице место побарав дозвола за прекопување на улицата на што ми беше одговорено дека наводно имал одобрение од секторот за урбанизам, но не ми покажа документ. Поради тоа наредив веднаш да прекинат активностите на улицата и да се направи записник. По настанот веднаш ја повикав раководителката на секторот Наташа Ивановска која потврди дека фирмата немала дозвола за сечење на улицата.

Сакам да им порачам на граѓаните, но и на фирмите кои извршуваат какви било активности на улиците во општина Карпош, дека нема да дозволиме заобиколување и непочитување на законите и процедурите за работа. Нема да дозволиме на „диво“ да се прекопуваат нови улици, а граѓаните да газат по кал и да ги оштетуваат возилата по раскопани сообраќајници заради лични интереси на поединци. Во општината мора да се врати редот и почитувањето на законите и имам намера тоа да го сторам час поскоро, стои во неговата објава.