ВИДЕО | Ивановска: Почитувањето на Етичкиот кодекс е клучен за борбата со корупцијата

Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК/Фото: Слободен печат

Антикорупциската комисија по именувањето на министрите и другите високи функционери во новата влада на чело со Димитар Ковачевски ќе биде задолжена за проверка и понатаму следење на имотната состојба на државните фукционери.

-Сме оствариле контакт со Ковачевски, сме разговарале. Првиот човек секогаш е огледало на институцијата и пример на вработените како непишано правило. Затоа многу е важно за членовите на новата влада својот личен интегритет да го стават во функција на позицијата која ја заземаат и функцијата која што ја обавуваат. Кога критикуваме не го правиме тоа затоа што така сакаме туку да се подобри функционирањето во системот и негова поголема успешност, рече Билјана Ивановска, претседател на Државната комисија за борба против корупцијата.

Таа додава дека сите избрани и именувани членови на влада се предмет на испитувања на Комисијата.

-Мислам дека новиот премиер и сите министри треба да се погрижат да ги спроведат активностите на националната стратегија да се спроведе истата и да ги спроведат нашите препораки, децидна е Ивановска.

Според неа треба да постои вицепремиерско место за борба против корупција како клучно за справување со овој негативен феномен во државата.

-Ресорот вицепремиер за борба против корупција е одлука на Владата. За нас важно е да се креираат политики за спречување на корупцијата. Поле за работа има за сите бидејќи корупцијата кај нас е широко распостранета. Според препораките на ГРЕКО сметам дека треба ваква позиција за спроведување на етичкиот кодекс за добро владеење и управување, рече Ивановска во гостувањето на Утрински брифинг.

Таа наведе неколку приоритети кои според неа треба да ги спроведат новите членови на владата во своите ресори.

-Прво треба сите членови на Влада да си го прочитаат еичкиот кодекс, неформално да го потпише но што е уште поважно да го прифати. Број два е да се обезбеди лице кое вистински ќе се грижи за негово спроведување. Број три е лице кое што ќе се грижи за нивниот интегритет,  да се воведат оперативни стандарди и процедури, да се направи проценка на ризици и да се обезбеди внатрешно искажување на вработените односно да се обезбеди лице кое ќе работи со укажувачи. Потребно е да се воспостават внатрешни канали, како и да функционира внатрешната контрола во министерствата, вели првата антикорупционерка, претседател на ДКСК Билјана Ивановска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот