ВИДЕО: Искористувањето на сончевата енергија, начин за намалување на енергетската криза

Обновливите извори на енергија се огромен потенцијал и голем дел од електричната енергија може да биде произведена токму од нив. Но тоа е долготраен процес. Сега Македонија е во енергетска криза, но на земјата и треба подолго време за да има бенефит од обновливите извори на енергија доколку интензивно почне да ги употребува, рече денеска во Утрински брифинг професор Илија Насков, претседател на Соларната асоцијација на Македонија.

– Македонија ги има сите ресурси за да може голем дел од електричната енергија да ја добива од обновливи извори на енергија. За еден час сончево зрачење на цела планета е поголемо отколку потребите за една година на Земјата. Македонија спаѓа во региони кои имаат стабилно сончево зрачење. Имаме и долгорочен потенцијал за искористување на сончевата енергија, а покрај сончевата ја имаме ветерната енергија, која за среќа почна да се искористува. Од сегашните 50 мегавати може многу брзо да се дојде до 500 мегавати. Од фотоволтаични централи за многу брзо може да се дојде до 600 мегавати. Со тоа ние ќе успееме да дојдеме до истиот резултат кој го дава една термоелектрана, објаснува Насков.

Тој нагласува дека иднината е во водородната енергија.

– Јас лично мислам дека за околу пет години во Македонија може да има значително производство на електрична енергија од обновливи извори. Многу е тешко во моментов да кажеме дека можеме без термоцентралите, но за догледно време можеме да бидеме оптимисти дека ќе станеме независни од термо централите. До пред неколку години земјава беше рангирана меѓу последните земји во Европа кои користат обновливи извори на енергија, но во последниве години како резултат на брзата градба на фотоволтаичните централи, почнуваме да одиме напред. Неопходна е брза изградба на фотоволтаици, ветерни централи и био маси, објаснува Насков.

Претседателот ги охрабрува домаќинствата и институциите без размислување да инвестираат во поставување на соларни панели.

– Домаќинствата и институциите кои користат топла вода за санитарни потреби би требало без размислување да инсталираат панели за сончева енергија. Инвестицијата се враќа за три-четири години а потоа 20 години ќе имате бесплатна енергија. Цената е околу 500 евра за еден термосифонски систем. Треба да размислуваме за вкупно искористување на сончевата енергија, а од некаде треба да се почне, вели Илија Насков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот