ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Војче Китановски: Ти купи си карта, а ние ќе средиме да настапиш

Војче Китаноски - сатиричар / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Не постои посериозна работа од хуморот и сатирата и многу е тешко да се напише хумористично дело кое ќе преживее низ времето и да им се допадне на мнозинството луѓе. Убаво е и корисно човекот секој ден да се насмее 15 минути и 30 минути да пешачи.

-Убаво е да се биде денес соговорник покрај голем број хумористи и сатиричари.

Мислите на политичарите.

-На сите што се занимаваат со хумор или се смешни и хумористични. Оваа година славам или одбележувам 45 години од моето творештво како хуморист и сатиричар на естрадата. Лично многу сум горд на овој јубилеј во кој главно беше хуморот и сатирата и од мојата уметност можам да живеам како слободен уметник. За мене интересна година е 1978 во која се отворија портите, бев прифатен од публиката и благодарение на првите успешни настапи решив да го работам ова за кое говориме денес. Ова го истакна хумористот Војче Китановски во емисијата Утрински печат на Слободна ТВ.

За уметникот е основно публиката да го засака и да го бара, а хумористот ако не е добар секоја публика ќе замине од претставата.

-Моите почетоци се од времето кога сум студент на Шумарскиот факултет каде што редовно со цимерите и другарите раскажувам смешни текстови вицови или шеги и на виделина доаѓа до израз мојот талент за изведба. Во тој период во студентските домови. редовно се подготвува културно уметничка програма наречена „Сина вечер“. На овие вечери учествував со сопствени изведби и текстови на предлог на колегите што ги слушаа моите изведби на одредени шеги. Сосема случајно, така се случи и првата анегдота со мене. Имено, организаторите на таа Сина вечер ми рекоа „ти купи си карта за да влезеш, а ние ќе средиме да настапиш“-истакна хумористот Китановски.

Младоста е предност кога се започнува кариерата, а кариерата со хумор и сатира е убаво и опасно живеење, зашто не знаете кој ќе се насмее, а кому ќе му преседне смеењето.

-Мојата младост е поврзана со имитација на спортските коментатори од тоа време, како што се Младен Делиќ од Хрватска, Никола Солдатов и Ивко Панговски од Македонија и музичкиот водител Ѓоко Георгиев. Публиката ова го прифати и беше одушевена. Ние како држава имавме високо развиен спорт и спортски резултати. Лично многу следев спортски настани и посебно забележував лапсуси на спортските коментатори. На овој начин имав солиден репертоар што беше направено како претстава како изведба со која настапував пред публиката. Моите изведби беа на македонски и српскохрватски јазик што ми овозможи да настапувам во целата тогашна држава Југославија, заедно со другите естрадни уметници, а пред се пејачите, истакна хумористот Војче Китановски.

По распадот на Југославија се сé промени и се промени и хуморот.

-По 90-тите години за моја жал се се смени. Прво ми е жал што државата се растури на таков начин со војна и големи човечки загуби и материјална штета. Ако веќе мораше да се раздвоиме можеше тоа да се направи поинаку и како во други држави со мирно разидување. Многу години поминаа, контактите беа загубени и не можеше да се врати времето што замина. Дојдоа нови генерации, нови сфаќања и се е променето со нови стилови во хуморот- рече Војче Китановски.

Времето донесе нов вид хумор, но факт е дека има писатели чии дела и денес се читаат и кога се изведуваат имаат своја публика, иако се напишани пред 100 години.

-На тие што пишуваа хумор пред 100 години, значи во далечното минатото им честитам и горд сум поради тоа, бидејќи во одреден момент ми биле инспирација. Детските изданија од периодот на 60-тите години придонесоа да го засакам хуморот, затоа што во тие списанија прв пат читав шеги за деца. Лично многу го читав такви списанија и го засакав писателот Бранко Ќопиќ поради текстовите што се објавуваа во нив. Ќопиќ е писателот на моето детство, а Момо Капор е писателот на мојата младост. Од македонските автори многу сум благодарен за напишаното на Иван Карадак и Бошко Смаќоски,- истакна хумористот Војче Китановски

Хуморот е добро средство за убаво и позитивно расположение кај возрасните, а посебно за децата.

-Пешачењето од 30 минути и смеењето од 15 минути во денот треба да ги применат сите. Немам амбиција да бидам советник во министерството за образование, но сакам да раскажам еден пример од богатото искуството на воспитување на децата во Израел. Учениците што посетувале хумористична претстава, а потоа вршеле тест од одреден предмет, покажале за 50% подобри резултати во споредба со тестови кога не оделе на претстава,- истакна хумористот Војче Китановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот