ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Владимир Божиновски: Рејтингот на СДСМ е на историски најниско ниво

Владимир Божиновски - ИПИС / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Македонците не се русофили, туку се разочарани од сè она што се случува околу спорот со Бугарија, а и што претходно се случуваше во спорот со Грција, па револтирано ѝ го вртат грбот на Европската Унија, тврди политикологот Владимир Божиновски.

Претставникот на Институтот за политичко истражување-Скопје (ИПИС), во студиото на Утрински печат ги дообјасни резултатите од неодамнешната анкета, со која се доби впечаток дека Албанците ја поддржуваат Украина, додека во војната што речиси година дена беснее Македонците се на страната на Русија.

– Факт е дека најголемиот дел од граѓаните на Македонија не навива ни за едната ни за другата страна туку сакаат мир, односно посакуваат војната да запре. Точно е дека Македонците се разочарани од тоа што ЕУ се става на страната на Бугарија во преговарачкиот процес. Но, во случајот со Кирил и Методиј, Чешка и Словачка отворено се ставија на наша страна, а ние тоа не го искористивме. Не ретко Полска, Хрватска, Словенија, па и Австрија и Унгарија ни помагаат, но никој не може однадвор да ги заштити нашите интереси, доколку ние не се браниме – вели Божиновски.

За рејтингот на партиите, професорот смета дека ВМРО-ДПМНЕ има солидна предност пред СДСМ од речиси 7 отсто, што е историска разлика меѓу двете партии.

– ВМРО-ДПМНЕ има огромна предност во однос на СДСМ, поголема од најдобрите времиња на Никола Груевски. Тогаш разликата изнесуваше околу 6 проценти. Но, оваа разлика сега не е резултат на растот на популарноста на најголемата опозициска партија, туку напротив се должи на очајно лошиот рејтинг на СДСМ, кој никогаш досега од формирањето на партијата не бил толку низок – додава Божиновски.

Тој смета и дека по локалните избори во Македонија, СДСМ секојдневно губи дополнителен број на гласови, најавувајќи историски најслаб резултат на оваа партија на наредните парламентарни избори.

Целиот разговор со Владимир Божиновски можете да го погледнете на следниот линк:

Видео на денот