ВИДЕО-ИНТЕРВЈУ | Трендафилов од ССМ: И новиот систем за плати во јавниот сектор е лош

Слободан Трендафилов - ССМ / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Надлежностите што му се даваат на министерот за финансии со Нацрт-законот за системот на пати во јавниот сектор, како и одредбите од законот за работни односи што се изготвува, задаваат сериозен удар на работничките права

Во Нацрт-законот за системот на пати во јавниот сектор предвидена е хиерархија во плати, вградување на минималната плата во основната плата, исто наградување за иста работна позиција, како и делумна автономија во секој одделен потсектор на јавниот сектор. Сепак, од Сојузот на синдикати остро регираа против нацрт-законот и побараа негово повлекување. Според тврдењата на Слободан Трендафилов од ССМ, нацрт-законот привидно создава слика дека има нов, добар систем на наградување.

Во разговор за „Утрински печат“ тој вели дека крајниот есап од новото законско решение е помалку пари за работниците и низа други кршења на работничките права. Трендафилов потенцираше дека и Владата не го исполни ветувањето за општ колективен договор во јавниот сектор, па така постои дискриминација меѓу самата јавна администрација, на пример, едни земаат К-15, а други не.
Трендафилов, исто така тврди дека со Нацрт-законот за системот на пати во јавниот сектор се кршат и други законски решенија, но и меѓународни конвенции.

– Минималната плата како компонента претходно се стави во Законот за административни службеници, сега се вметнува во Нацрт-законот за систем на плати во јавниот сектор, но во одредбите подоле, може да се прочита дека Собранието, односно Министерството за финансии има надлежност и да ја замрзне минималната плата, односно бодот, па коефициентот да не се усогласи со растот на минималната плата како што беше минатата година. Според нашите пресметки, новото зголемување на минималната плата треба да биде 2.100 денар. Со законското решение, Собранието, односно министерот за финансии се става над сите. Тој ќе каже колкава ќе биде вредноста на коефициентот, односно на бодот и потоа Владата ќе му предложи на Собранието со какви бодови ќе се прави пресметка. Сето тоа пак ќе биде без социјален дијалог – вели Трендафилов.

Според него, „надлежностите што му се даваат на министерот за финансии со овој закон, како и одредбите од законот за работни односи што се изготвува, задаваат сериозен удар на работничките права“.
Како втора нерегуларност во Нацрт-законот, според Трендафилов е што за време на годишен одмор, што е уставно загарантирано право, ќе биде исплатувана само основната плата.

За другите забелешки за ова нацрт-законско решение, за опасноста од суспендирање на колективните договори, како и за тоа каде заглави долгонајавуваниот сосема нов закон за работни односи погледајте во ВИДЕО-ИНТЕРВЈУТО во продолжение..

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот