ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Спасовски: Нема опасност од прелевање на ситуацијата на Косово во земјава, за пет месеци сузбиени 9 криминални групи

Гостување на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во „Утрински печат“ / Фото: Драган Митрески

Граѓаните можат мирно да спијат, нема опасност од прелевање на ситуацијата на Косово во земјава- изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во „Утрински печат“ на Слободна ТВ.

-Во однос на состојбата во државава можам да кажам дека таа е мирна стабилна и нема индиции за нејзино нарушување. Сепак безбедносните структури и агенциите се ставени во апсолутна функција на собирање на информациии за анализа на истите. Состојбата се следи будно се со цел оваа состојба на мир, стабилност и безбедност на земјава да остане таква. Мислам дека нема да имаме никаков проблем во тој дел и граѓаните можат мирно да спијат- вели Спасовски.

Според него во однос на безбедоносната состојба во опкружувањето во регионот тие случувања кои се рамки на политичките односи во земјава можат да бидат сериозна индикација за нарушување на безбедноста во земјава и секогаш нестабилноста во регионот во една од државите треба да го крене алармот за да работиме сите посветено за зачувување на мирот и стабилноста.

– Еден од основите на напредок во регионот е безбедноста. Ако сакаме да имаме економски развиен регион прво треба да се посветиме на безбедноста. Што се однесува до безбедноста на целиот регион сметам дека се треба да направиме заедно со нашите стратешки партнери и да бидеме држави кои можат да извезуваат мир и стабилност наместо држави кои постојано ќе бидат под опсервација- вели Спасовски

Во однос на заканите за бомби во училиштата и трговските центри тој вели дека се дел од хибридна војна која се води во овој регион.

– Сајбер заканите зачестија после инвазијата на Русија врз Украина и интензитетот на занканите беше сериозно зголемен после овој период. Закани имаше во Србија, во Босна и Херцеговина, Црна Гора, во Германија во САД, Нов Зеланд. Активно работевме на ова во Владата, се формираше посебен тим на креирање на стратегија за постапување кон овие закани. Се сменија протоколите по кои постапуваше од страна на МВР. Сите наши активности вродија со плод и истрагите кои ги направивме донесоа резултати и лицата беа изнесени пред лицето на правдата. Имаше случаи од Скопје, Гостивар, Делчево, Кавадарци- вели Спасовски.

Според него сите случаи се процесуирани и проширена е истрагата и за секој еден кој учествувал во вакви активности ќе мора да се сноси одговорност.

-Немаше дојави за нови поставени бомби и новите протоколи на МВР не значеа исклучување на јавноста од ваквиот пристап- вели Спасовски.

Во однос на организираниот криминал Спасовски вели дека за 23,2% е зголемено откривањето на организираните криминални групи во 2022, а годинава за само пет месеци сузбиени се 9 криминални групи

-Имаме сузбивање на 10-члена организиран криминална група на подрачјето на СВР Тетово, поднесени се кривични пријави за експлоатација и трговија со дете. Имаме организирана криминална група во делот на тероризмот, со апсење пред неколку дена на 3 лица, од кои 2 лица македонски државјани на територија на Република Северна Македонија, и македонски државјанин во координирана акција со Франција. Во ист момент уапсени се сите лица, како група која била подготвувала терористички акти. Понатаму имаме сузбиено 7 криминални групи кои се занимаваат со трговија со дрога и оружје на територија на СВР Скопје и СВР Штип, кои најчесто тргуваат со марихуана и кокаин. Тука имаме 38 македонски државјани, како и заплена на 210 килограми марихуана, 1,5 килограм кокаин. Кај две организирани криминални групи на територија на Албанија и Грција во заеднички акции по информации на МВР, и заеднички тимови кои работеле на овие активности досега се запленети 429 килограми кокаин- рече Спасовски.

Во делот на сузбивање на организирани криминални групи кои делувале во областа на недозволената трговија со оружје, Спасовски истакна:

-Имаме откриено 60 кривични дела за трговија со оружје, уапсена 10 члена поликриминална организирана група, вкупно 73 сторители се кривично пријавени, запленети 57 парчиња оружје, над 40 парчиња муниција, 6.000 парчиња пиротехнички средства. Разбиена е и организирана криминална група на стрелиште во Скопје, притоа одемени се 36.000 парчиња муниција- рече министерот Спасовски, истакнувајќи дека податоците за овој период говорат за навистина обемни активности.

Притоа, тој ја истакна зголемена откривачка функција во 2022 година.

Во интервјуто зборувавме и за криумчарењето на мигранти, за заплените на дрога, за истрагата која се води откако исчезна внукот на Љубе Бошковски, но и за неговата евентуалната кандидатура за претседател на државата.

Погледнете го интервјуто:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот