ВИДЕО ИНТЕРВЈУ со Љупчо Јаневски: Имаме успешна сезона, но недопустливо е да немаме туристички инспектори

Љупчо Јаневски, директор на Агенција за промоција и поддршка на туризмот/Фото: Слободен печат

Отворен Балкан ќе не преформулира од „Дома си е дома“ за 2 милиони туристи во „Дома си е дома“ за 12 милиони туристи. Но, на тој пат има многу работа – треба дополнителни содржини, прецизно категоризирање на објекти, туристичка полиција и туристички инспектори кои сега ги немаме, а е недопустливо, вели во разговор за „Слободен печат“ Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Тој вели дека кај нас летната сезона се` уште не е завршена и оценува дека сезоната добро ја поминуваме.

– Септември е закупен од стана на одредени странски туроператори, а има аранжмани и од 5 до 7 дена. Во разговорите со хотелиери од Охридско-струшкиот регион имам сознанија за закупи и во октомври. Уште во 2021 година храбро кажавме дека во 2022 година очекуваме 2,6 милиони ноќевања. Според она што се реализра во првите 7 месеци мислам дека ќе се остварат овие прогнози. Во однос на девизниот прилив, тој е значително подобар од 2019 година, односно во првите два квартла има раст меѓу 20 и 25 проценти. Имено, во првите 6 месеци од годинава реализиравме девизен прилив од 175  милиони долари Статистиката покажа дека во првите 7 мсеци имаме 1,4 милиони ноќевања, но со август очекувам бројката да е над 2 милиони – вели Јаневски кој гостуваше во нашето студио.

Јаневски објаснува дека податоците за девизниот прилив се базираат на бројки добиени од  Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и Државниот завод за статистика. Но, според Светската туристичка организација, на Западен Балкан има сива економија некаде меѓу 40 и 45 проценти.

– Една од причините е што ние немаме воведена „сателитска сметка“. Оваа сметка всушност е систем во кој на дневна база се гледа колку туристи влегле, колку оствариле ноќевања, колку се транзит, колку се сместени во сместувачки капацитети, дали платиле во кеш или со картичка и дополнително да го измериме мултипликативниот ефект. Туристичката индустрија влијае на повеќе од 20 гранки и затоа е таа многу значајна, со голем мултипликативен ефект – вели Јаневски.

Во однос на мерките за време на пандемијата, Јаневски вели дека ревизијата ја покажа само нивната процентуална искористеност, но потребни се дополнителни анализи кои реално ќе покажат колку работни места се зачувани, дали била прилгодена туристичката индустрија на дадените аранжмани дали реално беа потребни толку средства или беа потребни повеќе.

– Пандемијата покрај своите лоши страни, ги покажа и оние кои треба да ги подобриме – вели Јаневски

Целото видео-интервју погледајте го во продолжение.

 

Видео на денот