ВИДЕО ИНТЕРВЈУ| Професор Абил Бауш: Не ме плаши растот на буџетот, туку нереализирани капитални инвестиции

Од 1992 година па наваму, секоја година имаме реализација на капиталните инвестиции не повеќе од 40 проценти, со исклучок на 2024 година со Проектот Скопје 2014 кога се реализираа повеќе од 65 проценти, вели Бауш
Нормално е секоја година државната каса да биде поголема затоа што економијата расте, а и потребите на самата држава. Но, она што загрижува е реализацијата на капиталните инвестиции. Раст на буџетските расходи што се базира на раст на платите и на други оперативни трошоци, може само да ја подгрее инфлацијата, додека раст што се базира на капитални инвестиции доведува до повисок животен стандард, повисоки плати.
Ова е ставот на универзитетскиот професор Абил Бауш со кого разговаравме за Предлог-буџетот за 2024 година што е доставен во Собранието. Расходната страна на Буџетот е проектирана на 5,5 милијарди евра, или 5,8 проценти повеќе од овогодишниот буџет, додека приходната е 5 милијарди евра, или 10 проценти повеќе.
Ако се споредиме со европските, или со државите во регионот, ние немаме преобемен буџет, потенцира Бауш.
– Не ме загрижува планираниот растот на парите во Буџетот. Но, од една страна зборуваме за развоен Буџет, а од друга страна ставките не покажуваат развојност. Само се задоволуваат тековните потреби на државата. Од 1992 година па наваму, секоја година имаме реализација на капиталните инвестиции не повеќе од 40 проценти, со исклучок на 2024 година со Проектот Скопје 2014 кога се реализираа над 65 проценти. Кога ќе се зголеми расходната страна на Буџетот, треба да се спореди со капиталните инвестиции, а така како што е, тој раст не е одржлив. Затоа веднаш по изборите, а и да не сме изборна година, во првото полугодие на годината, задолжително се прави ребаланс на Буџетот, а прво што се крати се капиталните инвестиции – вели Бауш.
Она што загрижува, потенцира Бауш, е дека сите прогнози укажуваат на тоа дека економската криза не е уште при крај.
– Факт е дека Федералната банка на САД и Централната европска банка уште не дадоа позитивен сигнал дека економската криза привршува. Ние, во овој момент немаме ни постабилна инфлација, годинава просекот ќе биде 9,5 проценти. Според извештаите на ММФ и на Светската банка и наредната 2024 година ќе имаме инфлација меѓу 5,6 и 6 проценти, а нивните очекувања не се оптимистички ниту за нашиот економски раст. Врз основа на овие компоненти би требало да се реагира антикризно. Тоа значи дека државата треба да штеди, за да не се подгрева инфлацијата. Но, се прави обраното, се наведува народот да штеди преку мерките на монетарната политика со подигање на каматните стапки – вели Бауш.
Целото ВИДЕО ИНТЕРВЈУ погледајте го во продолжение: