ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Проф. д-р Јелена Ристиќ: Европскиот суд за човекови права во Стразбур е крунскиот бисер на заштита на човекови права

Јелена Ристиќ - адвокат и професор на Уким ИСППИ / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Последниот пат кога во јавноста беше актуелен Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП), беше пресудата за предметите „Транспортер“, „Тортура“, „Титаник“ и „ТНТ“ во кои се обвинети или осомничени неколку високи државни функционери. Познавањето на работата на овој Суд е од клучно значење за да се разбере како функционира заштитата на човековите права на меѓународно ниво, а кога граѓанинот смета дека му се прекршени правата со пресуда од национален суд. Северна Македонија не е во група на држави од каде се прифаќаат голем број тужби за кршење на човековите права од Судот.

-Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП) е крунскиот бисер на заштита на човекови права. Кога го имаме предвид историскиот контекст на формирање на овој суд и почитување на човековите права ќе потенцирам еден пример преку една држава, а тоа е Грција. Имено, во 1969 година беа изработени извештаи во кои Грција беше наведена како држава во која има масовно кршење на човековите права. Грција, свесна поради оцената се повлече од членството од Советот на Европа пред да заврши процесот на гласање, за повторно да биде член во 1974 година. Кога ја споредуваме праксата на заштитата, односно кршењето на човековите права во Македонија во споредба со други држави членки на Советот на Европа, можам да забележам дека висок процент случаи околу 95% Судот не ги разгледува односно ги отфрла или ги оценува како неосновани поради неисполнување на критериумите за допуштеност. Ако биде извршена анализа на случаите што ги разгледува ЕСЧП може да биде забележано дека други држави што значи и западно-европски имаат ваков вид проблеми и Македонија не е исклучок или држава со висок процент на кршење на човековите права – истакна проф. д-р Јелена Ристиќ.

Секој граѓанин што смета дека му се повредени човековите права има можност да ангажира адвокат за да поднесе жалба пред ЕСЧП, од една страна и бројот на предмети што добиваат судска завршница со укажување дека државата треба да отстрани одредено кршење на човековите права е многу мал што сугерира дека адвокатите не биле доволно едуцирани, искусни и подготвени да го проценат случајот за кој се жали граѓанинот пред да поднесат жалба до Судот, од друга страна.

-ЕСЧП во последните 10 години доживеа вистински наплив од поднесување апликации од граѓани и како што е познато голем број од овие предмети се отфрлаат поради неисполнување на критериумите за допуштеност што се предвидени со европската Конвенција за човекови права. Факт е дека оваа материја не е дел од секојдневното практикување на правната работа не само за адвокатите, туку и за другите субјекти во правосудниот систем. Сметам дека постои недоволно знаење во поглед на правилната примена на постапка и затоа едукацијата е многу битна. Според мене за да се разберат и правилно да се применат критериумите за допуштеност мора да се познава целокупното функционирање на ЕСЧП, како што се неговата улога, надлежноста, постапката пред Судот, опфатот, толкувањето, примената на Конвенцијата, односно судската практика. Европската конвенција за човекови права со ратификацијата на Собранието на Република Северна Македонија станува дел од правниот поредок на државата и има директна применливост што значи ваков вид документи не може да се менуваат со закон. Сакам да укажам дека многу е битна судската практика при донесувањето на пресудата. Имено ЕКЧП не може да се земе само во нејзиниот текстуален дел, туку мора да се има предвид судската практика. ЕСЧП не го наметнува најсоодветниот начин, туку го предвидува минималниот стандард во заштита на човековите права или со други зборови го идентификува, најмногу, минимумот кој одреден правен систем треба да го постигне- истакна професорката Ристиќ.

Целиот разговор со проф. д-р Јелена Ристиќ погледнете го во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот