ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Проф. д-р Горан Коевски: Најтешко се менува менталитетот на луѓето, а најлесно законот

Горан Каевски - професор на правниот факултет Јустинијан први / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Акционерски капитал може да се подразбира како добра основа за претприемничкиот дух на поединецот што поседува стручност, знаење или одредена вештина да ги вложи. Со купување акции, наместо со ставање на парите на сметка во банка може да се оствари профит од движењето на вредноста на акцијата на берзата. Македонија е во ова друштво, но процесите не се претерано динамични.

-Ако поединецот има слободни пари наместо да ги стави на сметка во банка и да очекува камата треба да најде начин да ги вложи во хартии од вредност односно акции. Денес живееме во информатичко време каде што може да се добијат податоци за секој издавач на хартии од вредност. Моето работно искуство кое е поврзано со работата на берзата во Македонија ми помага во едукацијата на студентите, бидејќи можам да направам споредба и спојување на теориското знаење со практичната работа на берза и стекнатото искуство. Ова го истакна проф. д-р Горан Коевски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје.

Образованието, правната рамка и поседувањето капитал се објективни предуслови за да се започне приватен бизнис, од една страна, но навиките, сваќањето за сигурноста и менталитетот тешко ги менува поединецот и заедницата кога станува збор за купување акции и инвестирање на берза, од друга страна.

-Нашиот пазар не е динамичен кога се споредува со европските и светските берзи. Ако судам врз основа на личниот став на студентите на кои им предавам за акционерството, заклучокот е дека повеќето од нив би избрале штедење во банка наспроти купување акции. Се обидувам да го разберам нивниот избор и однесување и во насока да им го приближам акционерството им предлагам да прочитаат одреден годишен извештај, потоа билансна состојба и други позитивни примери. Познато е дека во Македонија на овој пазар се 5 компании што сите ги знаеме и како се движи нивната цена на акциите. Друштвата со ограничена одговорност се уште тешко се решаваат да преминат во акционерски друштва, иако на овој начин можат многу полесно да дојдат до дополнителен капитал, кој во време на криза и тоа како им недостасува. Стравот за менаџерските фотељи е главната причина за оваа инертност. Најтешко се менува менталитетот на луѓето, а најлесно закон- истакна проф. д-р Горан Коевски.

Македонија ги менува условите во споредба со неколку децении претходно. Конкретно веќе три години е членка на НАТО, ги започна преговорите за добивање на статус на член во ЕУ, потоа има одредено раздвижување на пазарот и зголемување на присуството на странски компании во државата. Овие процеси се очекува да ги следат и компаниите во насока на свое преструктуирање. Меѓутоа состојбите не се такви.

-Друштвата со ограничена одговорност (ДОО) ретко или само едно од нив манифестирало желба да се регистрира во акционерско друштво. Тоа со други зборови значи дека ДОО има потреба да го зголеми капиталот на друштвото и го менува статусот во АД Зголемувањето на капиталот преку емисија на акции и преобразба на претпријатието е филозофија, пред се, на поединци што доаѓаат надвор од Македонија. Причината зашто ДОО не го практикуваат овој пристап на зголемување на капиталот, мислам дека е поради историскиот контекст дека припаѓаме на германско-јапонскиот модел на корпоративно управување или според традицијата на таканареченото континентално право што подразбира порпирање врз банката при инвестирање или отворање сопствен бизнис. Во САД во споредба со Европа приватниот бизнис се потпира врз емисија на хартии од вредност, а не врз кредити од банките – истакна професорот Коевски и додава дека има примери кадешто европското досегашно работење на компаниите се менува и се приближува на американското.

ДОО се пред голем предизвик, а тоа е дека не може да продолжат на стариот начин, а не се подготвени на нов начин да стопанусуваат. Основачот на друштвото се наоѓа пред дилема да биде сопственик- газда или менаџер – директор.

-Искуството во Македонија, но и во други држави покажува дека 75% од мали и средни претпријатија во форма на ДОО не ја преживуваат првата генерација на сопствеништво, односно кога децата треба да го преземат бизнисот како наследство, Друштвото не продолжува да постои. Со друго зборови се случува пропаѓање на претпријатието. Решението на еден ваков проблем го гледам во едукација и регрутација на добри менаџери што би дошле на местото на освовачот на претпријатието. Ако неговите наследници не се вешти во развој на бизнисот многу е подобро за компанијата да ја менаџираат способни поединци и на таков начин продолжува да опстојува. Со трансформирањето од ДОО во АД, друштвата можат да си обезбедат лесен пристап до капитал за да не чекаат на кредити од банките, да го подобрат управувањето, да си обезбедат стабилност и натамошен раст и развој. Приватниот сектор треба да разбере дека доброто корпоративно работење не само што им го олеснува пристапот на компаниите до нов капитал, туку може да претставува инструмент за подобрување на самото работење на компаниите,- истакна Проф. д-р Горан Коевски.

За да може да привлечеме странски капитал и за да може да очекуваме домашниот претприемач да инвестира во сопствената држава е потребна правна сигурност, односно законот да не се менува најмалку една година од неговото донесување.

-Законите во Македонија се менуваат могу брзо и пред истекот на периодот од една година од неговото донесување. Има примери каде што законот кој започнува да се применува 6 месеци од неговото донесување да се промени два пати. Пораката што ја испраќа државата е правна несигурност за сите оние што сакаат да инвестираат и тешко може да им го објасниме ваквото однесување на потенцијалните инвеститори – истакна проф. д-р Горан Коевски.

Целиот разговор со проф. д-р Горан Коевски погледнете го во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот