ВИДЕО ИНТЕРВЈУ Проф. д-р Близнаковски: Намалувањето на јавната администрација би довело до сериозен општествен потрес

д-р Јован Близнаковски - професор / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Клиентелизмот во политиката е карактеристична појава во Западниот Балкан, која се манифестира во задоволување на интересите на конкретни гласачи, одредени приватни компании и верски заедници.

-Од моето искуство гледам дека одредени личности од образованието или науката може да го добијат тоа што го бараат како клиенти на политичката партија за возврат на одредена услуга што ја прават за нивни потреби. Тоа вклучува различни работи, а не само гласање, а пред се мислам на учество во самата организација на политичката партија. Политичките партии се големи организации и потребни им се човечки ресурси за да може да функционираат. Некои од личностите како клиенти успеваат да го добијат тоа што го побарале, но други не го добиле, така што нема правило дека секој добива. Темата за да работам на проучување на клиентелизмот се должи на искуството од Македонија дека за да се добие нешто е потребно да се биде клиент на политичката партија, односно е пожелно да има членска книшка. Ова го истакна д-р Јован Близнаковски, политиколог од ИСППИ во емисијата на „Утрински печат“ на Слободна ТВ.

Постојат различни форми на клиентелизмот, кој пред се е распространет во Западен Балкан многу повеќе во споредба со други европски држави, каде што бил повеќе присутен пред неколку децении.

-Во литературата се гледа односот меѓу партија и гласач, а за тоа треба да бидат исполнети два услова. Прво, партијата треба да му додели на гласачаот одреден материјален бенефит и се прави во континуитет. Второ, гласачот и враќа на партијата со некаков вид политичка услуга, односно гласање, агитација, партиски активизам, пишување на општествените мрежи обезбедување списоци на гласачи. Во последно време сме сведоци дека такви односи се развиваат меѓу политичка партија и медиум, потоа компанија, верски заедници, судии и сл. Приватната компанија може да даде парични средства за организирање кампања, верска заедница со соопштение или нејзин претставник ќе даде изјава за поддршка на политиката на политичката партија. Партијата не е секогаш во можност да го исполни даденото ветување на потенцијалниот клиент, односно луѓето ја завршиле работата за интересите и потребите на партијата, но таа не можела да го исполни даденото ветување – истакна Близнаковски.

Може да се разбере дека клиентелизмот е купување гласови пред избори од конкретни гласачи, но во Македонија има примери кога некои работи се практикуваат неколку месеци пред избори.

-Трансакциите партиите и корисниците почнаа да ги прават многу порано од периодот на избори или речиси во континуитет. Имено, поради тоа што беа донесени закони дека не смее да прават некои активности три месеци пред избори, политичките партии тоа го правеа претходно. Партиските вработувања беа појава која се дефинира како партиски клиентилизам. Тогашната партија свесно го зголемува бројот на вработени во јавната администрација зашто тие стануваат сигурни гласачи. Денес јавната администрација е многу зголемена и тешко може да им биде кажано дека не се потребни и мора да бидат отпуштени. Партиите се многу претпазливи кога станува збор за намалување на администрацијата, бидејќи би се соочиле со големо незадоволство. Не верувам дека може да дојдеме до актуелизирање на политичката определбата од 2006 година за мала ефикасна и професионлан јавна администрација. Мислам дека е тешко и може да дојде до сериозен општествен потрес, истакна Близнаковски.

Медиумите се клиенти на политичките партии под одредени услови и Македонија има искуство и на овој план.

-Информирањето на медиумите што ги подржуваат партиите од власта, а ја критикуваат политиката на опозициионите партии се третира во основа дека е клиентелизам зашто тие добиваат средства наводно за реклами, а всушност вршат агитирање за власта. Тоа беше карактеристично во минатото, а денес таквата пракса е напуштена, истакна Близнаковски.

Целиот разговор со проф. д-р Јован Близнаковски погледнете го во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот