ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Проф. Борче Давитковски: Скандалот со уверенијата за правосуден испит да го објаснат надлежните во Правда

Проф. Борче Давитковски

Сите институции ги партизиравме истите ги заробивме и тие не одговараат на оние кои што им се контролори односно надлежни. Па така Владата не одговара на Собранието, судството не врши контрола на извршната власт, пракса и принципи кои се воспоставени на секаде во светот но не и кај нас. Доколку некој ме праша мене, можам слободно да кажам дека кај нас тоа е обратно. Наместо министрите и функционерите да одговараат пред претпоставените тие одговараат пред партиските лидери. Ова наведува на фактот дека Македонија е заробена држава и доколку ова општество не направи длабок рез од партизацијата како држава само ќе назадуваме наместо да напредуваме. Ова за гледачите на „Утрински печат“ го истакна професорот на Правниот факултет по управно процесно право, Борче Давитковски коментирајќи ги скандалите кои се актуелни деновиве во правосудството во земјава.

Давитковски осврнувајќи се на случајот со студентите кои со „амин“ на државата, полагале правосуден испит без при тоа да ги имаат завршено до крај студиите или без да имаат доволно приправнички стаж, вели дека за тоа мора се побара одговорноста кај Правда и министрите од ресорното министерство кои биле надлежни во тој период за направените пропусти во законскките процедури.

– Во законот за полагање на правосуден испит јасно стои кој може да полага правосуден испит а кој не. Во него прецизно е наведено дека студентите кои завршиле по старата програма на студирање и имаат 240 кредити и оние кои завршиле по новата програма со мастер и имаат собрано 300 кредити дека може да полагаат правосуден испит. Како сега одеднаш овој Закон не важи за еден универзитет и овие правила се изиграни за 430 студенти на кои им било овозможено да полагаат правосуден испит. Одговорност за случајот треба да се бара во поранешните структури во Министерството за правда, без оглед за чиви деца и студенти станува збор – истакна проф. Давитковски во утринската емисија, дополнувајќи дека во земјава секој си ги толкува законите како сака и како му одговара.

Давитковски посочи дека одговорноста за случајот лежи во управувачките структури на Министерство за правда.

– Правда не може да се вади со тоа што дека они не ја чувале документацијата по една година. Министерството дава уверенија за положен правосуден испит како што факултетите даваат уверенија за завршен факултет. Тие досија се трајни исто така и Правда мора да ги чува сите уверенија за положен правосуден испит, адвокатски или нотарски, кои ќе посочам дека се од јавен карактер и мора да бидат архивирани во Правда – вели Давитковски.

Универзитетскиот професор зборуваше и за изборот на новиот шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција Ислам Абази.

– Тој човек не ги исполнуваше условите за таа позиција. Ниту ја престави својата програма, визија што ќе работи и со што ќе се занимава за време на неговиот мандат. Ние за жал почнавме во сите сегменти да ги заменуваме транспарентноста, професионалноста и мерит системот со партизацијата. Во конкретниот случај грешка е во обвинителскиот совет што така пројде постапката за избор на Абази и второ има грешка и кај самите јавните обвинители што дозволија да пројде целата постапка вака. Сега нека си го стават прстот на глава и да размислат дали го штитат јавниот интерес или само политичкиот – истакна професорот Давитковски.

Професорот на Правниот факултет по управно процесно право во продолжение на разговорот зборуваше и за пропустите на државата во однос на регистрацијата на бугарските здруженија во земјава, за постапка околу давањето на државјанството на Олександр Онишченко како и другите проблеми во правосудството.

Повеќе од разговорот погледнете во видеото во продолжение..

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот