ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Миле Лефков: Нотарските потписи важат, ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за промена на Уставот

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, тврди дека нотарските изјави на неговите колеги од партијата се важечки и дека неговата партија нема да ги поддржи најавените измени на македонскиот Устав, со кои се очекува граѓаните од бугарска националност да бидат вметнати во највисокиот законски акт на Македонија.
– Влеговме со цврст став и нема да отстапиме. Нотарските изјави беа одредена симболика, за да потврдиме дека нема да се согласиме на менување на Уставот. Со ваквото понижување ако тргнеме, нема да стигнеме нигде. Ако тргнеме по овој пат ќе завршиме со бесконечно преговарање со Европската Унија, а пат кој можеби ќе значи и бугаризација и асимилација – изјави Лефков во Утрински печат.
За спорот со Бугарија и односот на нашата власт то смета дека Македонците се изложени на секојдневно понижување од страна на политичари од источниот сосед.
– Државниот врв лиферува информации дека има странски држави, странски агентури, странски служби кои што се вклучени, па затоа ние ги повикавме ајде јавно нека објават за кои странски фондации, за кои странски здруженија, за кои агентури станува збор кога имаме бугарски европратеник којшто доаѓа овде во Македонија и гледате како се однесува и шири иредентистички тези и ги понижува Македонците. Значи целта на постоење на независна и суверена држава и целта на постоењето на институциите е за да вие како граѓанин и јас како граѓанин да бидеме институционално заштитени. Кога станува збор за институционално заштитени зборувам и за достоинството, зборувам и за заштита на сопственоста, и за заштита на човековите права односно во секој аспект. Кога веќе имате организирана држава, таа треба да се грижи и да ги заштитува интересите на своите граѓани – истакна Лефков.
Лефков смета дека Министерството за надворешни работи не ги брани интересите на македонскиот народ.
– Не станува збор дека ние бараме од министерството за надворешни работи или од било која институција да работи кон ескалација, напротив на нас навистина ни треба пријателство, меѓутоа ни треба искрено пријателство. Не ни треба пријателство за да бидат сокриени неуспесите на ДУИ и на СДСМ и да бидат сокриени неуспесите на оваа Влада. Повеќе од очигледно е и сите луѓе знаат дека односите особено нарушените односи одат во прилог само на оваа власт која што за жал работи против интересите на своите граѓани и притоа секогаш се обидува да најде некои надворешни тајни неидентификувани непријатели – изјави Лефков.