ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Љупчо Јаневски, директор на Агенција за промоција и поддршка на туризмот: Годинава ќе имаме рекорден број на чартер летови од странство

Љупчо Јаневски - директор на агенција за туризам / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Стигнаа гостите од Холандија, Велика Британија, имаме и директен лет од Полска, потоа најави за израелски туристи со чартер линии, а дополнително очекуваме уште еден -два туриоператори да подигнат чартер линии за Охрид, вели Јаневски

Во 2022 година од туризмот во македонската економија влегоа 481 милиони долари. Проценките за годинава се дека тоа ќе бидат околу 500 милиони долари. Годинава има најави за рекорден број на чартер летови од странство. Сепак, во туристичкиот сектор и понатаму се соочуваме со старите проблеми, недоволна ангажираност на локалните власти, недостиг на паркинг места, недостиг на туристички инспектори, а воопшто немаме и туристичка полиција, нешто што има секоја развиена туристичка дестинација, вели во интервју за „Утрински печат“, Љупчо Јаневски директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

– Комуницираме и со традиционалните пазари и со нови пазари, а ги потврдуваме и чартер линиите кои годинава се рекордни. Стигнаа гостите од Холандија, Велика Британија, имаме и директен лет од Полска, потоа најави за израелски туристи со чартер линии, а дополнително очекуваме уште еден -два туриоператори да подигнат чартер линии за Охрид. Новите конекции со Луфханза, со Франкфурт – 10 пати неделно и новите најави за есен, дополнително нè охрабруваат да кажеме дека во 2024 година не само што ќе ги постигнеме резултатите од 2020 година кои верувам дека ќе бидат исполнети во 2023 година, туку да зборуваме за 3,4 милиони ноќевања – вели Јаневски.

Тој потенцираше дека анализите покажале оти 5 отсто од вкупните вработувања се во туризмот и дека таму просечната плата се зголемила од околу 19.000 денари во 2019-та до 30.000 денари годинава. Јаневски вели дека и покрај тоа што многу наши сограѓани отишле сезонски да работат во хотели на море, тие што останале тука да работат, даваат добра услуга.

Во однос на странските гости вели дека се најавува раст на туристи од Холандија, Србија, Германија, но дека некои кои беа упатени само на нашата дестинација за време на пандемијата, како гостите од Албанија и од Косово, сега покажуваат помал интерес. Споро закрепнување има и со туристите од Бугарија, вели Јаневски.
Минатата година, посочи директорот, статистичките податоци покажуваат дека странскиот турист во нашата земја просечно трошел од 95 до 97 долари, за разлика од 2016 година кога трошел 65 долари.

Целото ВИДЕО ИНТЕРВЈУ погледајте го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот