ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Лазовски: Граѓанинот во државата може сè да заборави, но не може да заборави на државата да ѝ плати данок

Славко Лазовски - здружение на пензионери - Бутел / Фото: „Слободен печат“ - Методиј Здравев

Во здружението на пензионери членовите констатирале дека постојат одредени аномалии во правната сфера и сметаат дека е потребно да предложат целосно системско решение со кое би се подобрила работата на Сојузот на пензионери.

-Нашите критики од работата на Сојузот на пензионери се однесува на потребата од поголема транспарентност, редовна отвореност спрема членовите и домаќинско работење. Во Сојузот постои растечко незадоволство од работата на раководството на Сојузот во последниве години, а посебно од 2012 година. Пензионерите најчесто се незадоволни од досегашното работење на пензионерската организација во целост, како и од активностите на општински здруженија, од една страна и затоа покренуваме иницијатива и предлагаме да дојде до промена на актуелните состојби во организацијата, од друга страна.Ова го истакна Славко Лазовски, пензионер и член на Здружението на пензионери од Бутел.

Според сегашното законско решение на пензионерите им се задржуваат 180 денари на месечно ниво од пензијата за што претходно потпишуваат Изјава со која ја декларираат сопствената определба Фондот да им задржи парични средства за Солидарен фонд и за членарина.

-Средствата од Солидарниот фонд се исплатуваат за трошоци за погреб за член на семејството во висина од 30 илјади денари. Ова решение е специфично во споредба со решенија во другите држави, односно има законска регулатива која му дава право на Фондот да ги задржи овие средства за солидарен фонд и за членарина. Како членови на Сојузот побаравме увид во висината на средствата, потоа за што се користат, на кој начин и сл. Сите пензионери или најголемиот број од нив ја потпишува оваа изјава и со тоа се добива правна покриеност за одбивањето на овие средства од сметката на пензионерот. Точен износ не може да имаме, но преку одредена анализа доаѓаме до сознание дека Сојузот располага со 8 милиони евра за Солидарниот фонд на годишно ниво и за еден милиони и 800 илјади евра за членарина. Сојузот е законски обврзан да поднесе два извештаја од кои еден е за финансиското работење на организацијата, но праксата говори дека тоа не го прават и не го објавуваат на веб страницата- истакна Славко Лазовски, пензионер.

Подобрување на работата и надминување на лошите состојби во пензионерската организација може да се постигне со ново законско решение во интерес на пензионерите и со финансирање на организацијата преку буџетот на Фондот на пензионери.

-Со анализата на правната регулатива и на одредени модели на функционирање на пензионерските организации во држави од регионот и во други европски држави, дојдовме до сознание дека радикално може да ги подобриме нашите состојби ако се примени ново и целосно различно решение од постојното. Имено, ние предлагаме Солидарниот фонд да се третира како законски утврдено право на секој пензионер, односно тоа значи буџетот на Сојузот да се покрива од средства од Фондот на пензионери, а не од личната сметка на пензионерот како што е сегашното решение. Истовремено и плаќањето на членарината да се обезбеди на овој начин. Нашите сознанија говорат, а тоа го потврдуваат и надлежните институции дека Фондот на пензионери заздравува, стабилен е во поглед на изворите на приход и реално има средства. Постојат повеќе предлози, но за еден можам да речам дека е добра основа за разговор. На пример, членарина може да биде 0.5% од висината на пензијата, а да не ја плаќаат оние пензионери чија висина на пензијата е под просекот.

Според Лазоски, кој работниот стаж го стекнува како вработен во Министерството за финансии една од областите која смета дека Северна Македонија треба да ја регулира е донесување Закон за оданочување на верските заедници. Може да забележиме дека помина времето кога верските заедници се жалеа дека сиромашни и дека немаат средства. Државата мора да има увид во нивните финансии како што има увид во секоја сметка во државата.

-Ова прашање треба да се актуелизира и да се се стави во системот за да по одреден период се донесе закон. Граѓанинот во државата може сè да заборави, но не може да заборави на државата да и плати данок. Верските заедници не се и не може да бидат исклучок или ослободени од оваа обврска. Почнавме да работиме како Комисија формирана за таа цел, односно да изработиме законско решение и речиси бевме пред негово завршување, кога работата на комисијата беше опструирана од страна на членот од МПЦ. Сметам дека без засилено оданочување нема развој и ова прашање ако не го решиме денес, ќе бидеме принудени подоцна да го затвориме.

Целиот разговор со Славко Лазовски погледнете го во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот