ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Костадинов бара извинување за навредите и пцостите кон Струмичката епархија: Недозволиво е да се задушува слободата на изразување

Костадин Костадинов - градоначалник на Струмица / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Трибината „Зошто Не за сексуално образование во училиштата“ која на 17 март се одржа во Домот за култура Антон Панов во Струмица, каде на покана на организаторот Фондацијата Елеуса, присуствуваше струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов, а говорници беа проф. д-р Венко Андоновски и викарниот струмички епископ Јаков Стобиски, предизвика лавина реакции во јавност, пред се од Платформата за родова еднаквост па и од Министерството за труд и социјална политика само навестува остра дебата и спротивставени ставови кога предлог законот за родова еднаквост ќе се најде во Собранието пред пратениците. Предложениот текст во моментов е на ЕНЕР и според предлагачот МТСП треба да придонесе да се надминат пречките и недостатоците во ефикасното обезбедување на еднаквост и елиминирање на стереотите преку зајакнување на положбата и статусот на жената во општеството, еднаков пристап до ресурси и еднакво учество во донесување на одлуки во сите сфери на општествено живеење.

Откако беа нападнати ставовите на Црквата за предлог законот за родова еднаквост кои беа кажани на трибината во Струмица, и оквалификувани како „антиженски, антихуманистички, противуставни и директно мешања на религијата во донесувањето на законите и покрај декларирањето на Македонија како секуларна држава“, на мета се најде и  градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов.

-Обвинувањата кон мене како градоначалник и кон Советот на Општина Струмица се апсурдни исклучиво јас сум се појавил на трибина која ја организира Фондацијата Елеуса и третира некаква тема. И тоа е нивно право на Црквата да има свој став исто како што е основно право на секој човек да има можност да слушне, да го апсоливира како тема, да го размисли и на крајот да донесе заклучок и на крајот да си го каже или да не си го каже својот став. Навистина зачудува бидејќи во еден момент чувствувам дека е обид за загушување на слободата на изразување што е недозволиво. Мојот личен однос како верник кој има свој духовен отец, кој се вика г. Јаков кој е викарен епископ на Струмичката епархија јас нема да дозволам да биде сменет само заради тоа што во моментов јас сум градоначалник. И многу е лесно за разбирање, рече Костадинов во гостувањето во емисијата „Утрински печат“.

Градоначалникот на Струмица очекува извинување за изнесените навреди и нагласи дека како градоначалник секогаш ќе присуствува и на други трибини доколку биде поканет, за да ги слушне и другите мислења на оваа тема.

-Очекувам таквите организации кои упатија сериозни навреди и пцовки кон Струмичката епархија и очекувам во најмала рака да им се извинат на струмичани затоа што ако го видите грбот на Општина Струмица ќе видите дека на едната страна стои крстот, а зошто стои, затоа што практично денот на градот кога е најголемиот празник за Струмица, 11 декември  – Св.15 Тивериополски свештеномаченци. Најголемиот храм и еден од најважните храмови во државата е храмот на Св. Тивериополски свештеномаченици и тоа треба да го имаме во предвид. На страна ставовите, настрана моето лично мислење околу законот, тоа не е најбитна работа, но формата и третманот за тоа каде се појавил или не се појавил градоначалникот и советниците е недозволива работа. Ниту ќе дозволам некој да го третира мојот личен однос со Црквата или со другите религии на така јавна сцена. Ние политичарите сме избрани функционери на избори. Нашите функции се минливи и менливи. Статусот и личниот однос кој духовно го воспоставуваме со црквата или со духовниот отец, тоа е најинтимната работа која постои кај еден човек. Може да ја има, може да ја нема. Јас ја имам и не сакам со ништо да ми биде нарушено. Моето право да слушнам и да бидам присутен на сите трибини ако тие организации, организираат свои трибини во Струмица и ме поканат јас ќе се појавам да го слушнам и нивното мислење, тоа е обврска на градоначникот, затоа ние постоење, рече Костадинов.

Тој додаде дека има премногу обврски како градоначалник на Општина Струмица па се уште не го разгледат спорниот предлог закон, но ја поздрави иницијативата на министерската Тренчевска, да отвори дијалог со Струмичката епархија на МПЦ-ОА.

– Законот е на ЕНЕР, на разгледување. Ме охрабрува тоа што министерката Јована Тренчевска сака да разговара со Струмичката епархија за да се надминат разликите или недоразбирањата, но во исто време ако имаме трибини, јас како градоначалник и како човек заедно со советниците, со општинската администрација заради тоа што сакаме да слушнеме што размислува некој кој не се согласува со одредено законско решение, повтори Костадинов.

Во врска со иницијативата за воведување на сексуално образование во училиштата, рече дека и тоа е предмет за кој треба да се дискутира.

-За тоа секако треба да се разговара. Затоа и се крена таква галама во општеството што е здраво. Дебатата е здрава. Ќе дебатираме и ние, ќе ги разгледаме законските решенија и же донесеме конечен став, рече Костадинов.

Во продолжение Костадинов зборуваше за проектите кои ги реализираше во својот градоначалнички мандат од речиси година ипол. Според него, 40 проценти од програмата се веќе реализирани, дел е во фаза на проектирање, дел во фаза на реализација, а има и незапочнати проекти.

-Важно е што ние ги имаме контурите на мандатот, значи она што биле фундаментални изборни ветувања веќе ги имаме реализирано. Таков е случајот со спортскиот комплекс кој се заокружува со скејт парк, кој е на барање на младите струмичаниц. Посебен предизвик е да се менаџира градот во економска и енергетска криза. Потребите струмичани да добијат јавен превоз е во фаза на подготовка на техничката спецификација за да може да објавиме јавна набавка и за Струмица да биде првиот град во регионот кој ќе има целосно електрифициран јавен транспорт. Пораката е многу јасна, нашите проекти се во согласност со европскиот зелен договор и со европските и светските стандарди за имплементација на јавен превоз, рече Костадинов.

Тој говореше и за новоизградените велосипедски патеки, градскиот стационар во кој се згрижени кучињата скитници како и за проектите за младите во градот.

Целиот разговор со Костадин Костадинов погледнете го во видеото:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот