ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Ангелов: Крстот на Попова Шапка никој нема да го чепне, ваквите дразби не смееме да ги премолчуваме

Стојанче Ангелов, претседател на Достоинство/Фото: Слободен печат

Состојбата во Тетово не може да ескалира зошто никој нема храброст да го чепне Крстот на Попова Шапка зошто потоа ќе има сплет на настани, вели претседателот на Достоинство Стојанче Ангелов во гостувањето во емисијата „Слободен печат“.

Откако локалната самоуправа во Тетово се закани дека ќе го урне крстот на Попова Шапка лоциран во дворот на црквата Свети Никола Чудотворец, Ангелов прв реагираше и изрази подготвеност „со пријателите ќе го браниме крстот“.

-Дали ние во име на мирот и соживотот треба да молчиме на секоја провокација која доаѓа од албанска страна? Притоа тие провокации не доаѓаат од обични Албанци, од безначајни Албанци туку напротив најголем дел од мирниот албански народ, барем оние со кои јас комуницирам немаат ништо против да има крст во дворот на црквата на Попова Шапка, вели Ангелов.

Тој потсети на неодамнешните посети на косовската претседателка и на косовскиот премиер во Тетово и во Чаир кога беше забележана познатата иконографија и се вееја албански знамиња без ниту едно македонско знаме.

-Јас разбирам тие да го користат нивното етничко знаме дури и тогаш кога е тоа знаме на соседна држава, но должни се притоа да го користат и нашето, македонското. На овие настани се гледаа и транспаренти со карти на голема Албанија. Организаторот е должен да се погрижи да нема вакви дразби, да нема вакви провокации. Во спротивно тој станува соучесник. Но организаторот не беше било кој туку лидер на партија, градоначалник на Тетово, вели Ангелов.

Претседателот на партијата Достоинство го наведе и случајот со музејот во кумановското село Сопот кој неодамна беше отворен во присуство на лидерот на ДУИ Али Ахмети.

-Музејот наводно беше отворен наводно за жртви од 1944 година, но иконографијата внатре беше посветена безмалку се на УЧК. Јас и тоа можам да го разберам. Очекувам дека бивните припадници на УЧК ги чествуваат своите соборци што загинале и тоа е нормално и не ми смета. Тие нека си ги чествуваат нивните, нека не остават нас да ги чествуваме нашите загинати браќа, вели Ангелов и се осврна на мермерната плоча со картата на Голема Албанија во внатрешноста на музејот.

-На тој настан присуствуваше Али Ахмети, лидерот на ДУИ. И постојат две варијатни, Ахмети да не знаел и тогаш треба силно да ги искара или да избрка некој од неговото опкружување, од кабинетот што дозволил да се појави на место кадешто има карта на голема Албанија, во едно вакво чувствително време и даде изјава со смирувачки тонови користејќи ја добро познатата флоскула која ја користат политичарите дека целта на државата е влез во Европската унија, нагласува Ангелов.

Според него постои и втората можност да знаел и да отишол на тој настан на кој во мермерна плоча е изгравирна картата на голема Албанија.

-Во двата случаи дразбата е голема и се поставува прашање што е следното, дали ние во име на мирот и соживотот треба да ги премолчуваме сите вакви дразби. Сметам дека мојата реакција е реакцијата на безброј граѓани и јавни личности кои исто така реагираа за најавата за рушењето на крстот и ги спречи во намерата да размислуваат во таа насока и ви гарантирам дека крстот нема да биде чепнат, дециден е Ангелов.

Тој гледа лицемерие во ситуацијата, нагласувајќи дека на Попова Шапка во контиунуитет се градат дивоградби, дури и имал и џамија со повисоко минаре од 20 метри која исто така, била дивоградба.

-Градоначалникот Касами не само што не се справи со дивоградбите во Тетово туку во негово време туку се градат нови објекти. Само на патот кон Попова Шапка се градат два нови грандиозни објекти за кои се сомневам дека имаат дозвола бидејќи не знам кој дава дозвола да се гради објект во планина, надвор од било какво урбано место, на патот кон Попова Шапка после Шипковица, нагласи Ангелов.

Целото интервју со Стојанче Ангелов погледнете го тука:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот