ВИДЕО | Интерпелацијата беше идеолошко расчистување – оние кои се за европски пат и Левица

сашо орданоски, алберт муслиу, петар арсовски
Сашо Орданоски, Алберт Муслиу, Петар Арсовски / Утрински брифинг

Вчера во Собранието се случи таа епизода со обидот на опозицијата да ја урне Владата со интерпелација. Владата опстана и е на сигурна позиција во следните неколку месеци, а опозицијата не успеа во својата намера. За оценка за политичката заднина на оваа иницијатива и сѐ што се случуваше зад неа, во денешен Утрински брифинг разговаравме со аналитичарите Петар Арсовски и Алберт Муслиу.

-Член 93 од Уставот вели по ваква неуспешна иницијатива не може да се поднесе повторно во следните 90 дена освен ако не се потпишат 61 пратеник. Ако Заев денеска објави поголемо парламентарно мнозинство тогаш ова прашање ќе се затвори. Ако опозицијата успее да собере 61 пратеник тогаш може да го повтори истото. Тоа се правните регулативи за ова прашање, вели Арсовски.

Опозицијата сега инсистира на брзи избори, а во меѓувреме сите ќе се борат да освојат или задржат 61 пратеник.

-Опозицијата создаде амбиент дека работата е завршена, и таа атмосфера сега ќе врши притисок врз Заев. Опозицијата се поразени затоа што пропаднаа со оваа иницијатива, а Заев е поразен со таа негова изјава за оставката, вели Арсовски.

петар арсовски, утрински брифинг
Петар Арсовски, аналитичар / Утрински брифинг

-Вчера имаше една ерозија на моралот. Се јавуваа пратеници по телефон, седеа со скафандери во собрание… тоа е шпанска серија. Ние сега имаме влада што нема недоверба. Она што треба да нѐ радува е оската на евроинтеграција околу која се вртеа сите партии освен Левица, која беше издвоена на страна, вели Арсовски.

алберт муслиу
Алберт Муслиу, аналитичар / Утрински брифинг

-Таквиот заклучок за Левица го направи лидерот на партијата. Парламентот не е младинска сцена на која може да се кажува сешто, па можеби лидерот на Левица ќе извлече поука, вели Муслиу.

-Вчера слушнавме тешки зборови како киднапирање, па и измачување на пратеник, тоа да му се случува на обичен граѓанин а камо ли на пратеник е страшно за државата. Очекувам дека пратеникот Кастриот Реџепи ќе излезе и ќе каже што се случувало, вели Муслиу.

-Нема победници од вчерашниот ден, ама има јасни правци. Опозицијата имаше добар старт за пресврт со локалните избори и со овој чекор се избрзаа па сега топката се префрла на другата страна. Сега власта е во позиција легитимно да бара да го зголемува мнозинството, вели Муслиу.

Што ќе следува како идни чекори од владиното мнозинство?

-Прва работа е да потврдат дека се мнозинство. Да ги затворат овие стаклени нозе околу мнозинството. Треба веднаш да покажат дека имаат стабилно мнозинство. Ако не го направат тоа тогаш легитимно е опозицијата да бара предвремени избори. Значи, потребна е стабилизација во следната временска рамка, вели Арсовски.

Може ли да продолжи ваква влада со истите министри и истите односи со ДУИ или треба да се очекува прекомбинација?

-Оваа криза покажа дека има кохезија меѓу главните партнери. Потврдувањето на ново мнозинство е клучно дури и за смена на министерот за земјоделие. Мнозинството треба да се зголеми за да се намали наративот на спротивната страна. Овој пат треба сериозно да поработи на својата структура во владата и паралелно да работи на она што се случуваше како што е влезот на огромни финансиски средства од странство во локалните избори, но и наводното киднапирање на пратеник вчера, вели Муслиу.

– Ние одвај се извлековме од старите болки на полнење кутии и сега повторно влегуваме во проблематични сфери на општественото живеење. Ние сме во тензична ситуација од 2017 година и треба да се работи на смирување, додава Муслиу.

Опозицијата излезе со многу тежок речник како што е „режим“, па вчера дури и „терористички режим“. Очигледно е дека работите во Македонија во овој момент ќе се движат ококу два столба на политиката: проблемот со Левица, која со минорно учество во парламентот прави блокада, и од друга страна ДУИ, за која полибералната јавност гледа како континуитет на Груевски. Сега ДУИ може да условува со нивните добри резултати на локалните избори.

-Собирањето на албанската опозиција како антипод на ДУИ беше евидентно, но линијата на евроинтеграции е клучна. Сепак, ДУИ беше означена како чувр на тие вредности, а Левица како уривач. Ако владата доживее неуспех во евроинтеграциите во декември, прашање е дали ќе преживее оти многу адути се вложија во овој наратив, вели Арсовски.

-Односите меѓу ДУИ и СДСМ нема да влезат во тензија. ДУИ може да испорача нови барања, но тоа нема да оди преку медиумите или јавно. Се докажа дека контактот со Левица е проблематичен, а камо ли некоја соработка, така што Левица не влегува во комбинација за какви било разговори. Само се надевам дека нема да се појави наративот на Левица кај албанските гласачи, вели Муслиу. -Клучно е како ќе се однесуваат нашите европски партнери.

Албанска интелектуална заедница вложува надеж дека Алтернатива со Села и Таравари може да бидат носители за смена на ДУИ.

-За политичките партии тоа е цел, за интелектуалците не е цел смена туку продолжување на процесите за кои се залагаме. За жал тие генерираа различни наративи, па ќе видиме како ќе се одрази. Албанските гласачи реагираат брзо на грешка, реагираат на тоа дали некој е спремен да се потпише на ист лист со Апасиев, вели Муслиу.

Дали со окрупнувањето на албанските политички партии СДСМ го загуби потенцијалот за добивање албански гласачи во услови кога изборот таму е голем.

-Ќе се намали, но ќе се зголемува гравитационата сила за коалицирање со албанските партии. Ние сега имаме вистинска поделба по идеологија. Не би ме изненадиле и заеднички албанско-македонски листи на следни избори, Арсовски.

Проследете го целиот разговор во видеото

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот