ВИДЕО: Интер во дерби со пет гола и контроверзен црвен картон го победи Јувентус
Фудбалерите на Интер и Јувентус одиграа одлично дерби во во 25. коло од Серија А, а драматичниот меч заврши со триумф на домаќинот од 3-2.
Препорачано
„Нераѕурите“ го отворија резултатот во 17. минута, кога Андреа Камбијасо ја затресе сопствената мрежа и му донесе водство на Интер. Само девет минути подоцна, истиот фудбалер погоди на вистинската страна и обезбеди израмнување.
Клучниот момент на натпреварот се случи во финишот од првиот дел кога Пјер Калулу во период од десет минути заработи два жолти картони и предвреме го напушти теренот. Гостите бурно реагираа сметајќи дека исклучувањето е престрого, но одлуката остана на сила и Јувентус продолжи со играч помалку.
Играчката предност Интер ја капитализираше во 76. минута. Франческо Пио Еспозито одлично се снајде по центаршутот на Димарко и ја врати предноста на домаќините. Сепак, Јувентус не се предаде и во 83. минута Локатели донесе ново израмнување и ја најави неизвесната завршница. Кога се чинеше дека бодовите ќе се поделат, во 90. минута топката стигна до Зиелински, кој со прецизен удар стрелаше за три бода на Интер.
Со оваа победа Интер останува лидер на табелата со 61 бод, осум повеќе од второпласираниот Милан, кој има и натпревар помалку. Јувентус е петти со 46 бодови.
Во следното коло Интер ќе гостува кај Лече, додека Јувентус на домашен терен ќе го пречека Комо.


